Стејт департмент: Труењето на Навални е дело на агенти на ФСБ на Русија 

САД сметаат дека агенти на Федерална служба за безбедност (ФСБ) ја употребиле супстанцата „новичок“ во обидот за убиство на рускиот опозиционер Алексеј Навални, изјави синоќа за Си-ен-ен портпарол на Стејт департментот.  

Се истакнува дека Русија се обидува да го оспори тоа со разни теории на заговор. Една од нив е дека Америка ја конструирала целата приказна околу труењето на Навални. 

-Русија сугерираше на многубројни најчесто противречни теории на заговор, но тоа не е ништо друго туку обид да се одвлече вниманието од сериозните прашања што руската влада допрва треба да ги одговара, изјавија од Стејт департментот. 

Се додава дека нема друго објаснување освен тоа дека вклученоста и одговорноста за труењето на политичарот е кај руските власти.  

-Нема сомнеж дека тие се вклучени во ова. Секако, претседателот Путин и руската влада сакаат да мислиме во спротивното. 

Си-ен-ен наведува дека изјавата на официјален Вашингтон е досега најконкретна осуда на Русија од страна на Адмнистрацијата на претседателот Доналд Трамп за труењето на Навални. Според телевизијата, санкциите околу ова се во подготовка, но дека нивното одобрување, меѓудругите инстанци, треба да биде заверено и со потпис од претседателот.  

Трамп досега го нема коментирано труењето, и не ја обвини Русија за тоа. Тој неодамна ги потцени и масивните кибер напади врз повеќе американски владини агенции, при што настрадаа и стотици приватни компании. Државниот секретар Мајк Помпео, во септември изјави дека постојат „солидни шанси“ дека зад труењето стојат Руси. Таа изјава остана млака, во споредба со сегашната многу поостра, при што конкретно се именува улогата на ФСБ. 

Од телевизијата наведуваат дека по истражувањето на тим од меѓународни новинари за одговорните за труењето на Навални, повеќепати досега побарале изјава од Стејт департментот.  

Претходно, Си-ен-ен и Белингкет, група на истражувачки новинари, објавија дека во операцијата учество зеле од шест до десет вработени во ФСБ. Навални потоа објави видео како тој телефонски разговора со лице кое според него е учесник во тимот агенти кои го следеле речиси три години и се обиделе два пати да извршат атентат со хемиски боев отров. Видеото, насловено „Му се јавив на својот убиец. Тој призна сѐ“, на Јутјуб досега е прегледано од речиси 19 милиони луѓе

Back to top button
Close