Стечајот на Еуростандард банка- до кога молк?

Почитувани читатели, сведоци бевме, последниот месец од минатата година, на оркестрирани изјави на сите политички субјекти за отворена борба против организираниот криминал и корупција во Република Македонија. Поттикот за ваквиот оркестриран настап беше отворената реакција на Стејт Департментот на САД, дека нашава држава мора да се справи со ова општествено зло.

Дојдоа новогодишните и Божиќни празници и оваа тема како да се избриша од меморија и вокабуларот на актуелните политички партии и институции во Република Македонија.

Заклучувам дека оваа инсинуирана, наместена борба против организираниот криминал и корупција беше само флоскула.

Отворено ги повикувам сите институциите во Република Македонија, кои треба да дадат придонес кон борбата против криминалот, да се вклучат час поскоро со конкретни чекори и акции. Две и пол години пишувам во моите колумни за аномалиите, или поточно кажано пропустите кои Народна банка ги направи при носењето на Еуростандард банка во стечај. Повторно ќе ги посочам таксативно сите пропусти на Народна банка, со цел да го заинтригирам Јавното Обвинителство дефинитивно да покрене истрага во Народна банка, зошто Еуростандард банка беше однесена во стечај?

· 1. Прекршување на процедурите од страна на Народна банка.

Од можни 4 силни инструменти кои ги има Народна банка на располагање за стабилизација на банката: редовни мерки, вонредни мерки, администрација и стечај, Народна банка ги прескокнува инструментите вонредни мерки и администрација и веднаш ја носи банката во стечај. Зошто?

· 2. Народна банка ја носи банката во стечај по завршување на вонредната состојба од пандемијата Ковид-19 која траеше цели 97 дена, каде при одземено право да работиме со правни и физички лица ни беше одземено и правото да вршиме присилна наплата на доспеаните побарувања. Зошто во ек на пандемија Народна банка ни го одзема правото да работиме со физички лица?

· 3. Обзнанувањето на самиот стечај од страна на Народна банка е направено веднаш после предвремените парламентарни избори при неконституирани Собрание и Влада на Република Македонија. Зошто толку брзање за носење на банката во стечај?

· 4. Зошто Народна банка не го прими на разговор потенцијалниот партнер кој беше спремен да вложи средства за докапитализација на банката? Овој партнер чекаше на средба со Народна банка цели 3 месеци.

· 5.Зошто Народна банка не го испочитува дадениот рок за докапитализација на банката од 2,5 милиони евра, кој требаше да се случи најдоцна на 14 Август 2020 година, а стечајот беше обзнанен на 12 август 2020 година? Ова ветување од Народна банка беше дадено преку видео кол состанок меѓу Надзорниот одбор на Еуростандард банка и челниците на Народна банка.

· 6. Зошто Народна банка не ја однесе во стечај Еуростандард банка 2019 година кога финансиската состојба на банката беше значително полоша?

Почитувани читатели, ова се базичните факти на кои ниту една институција во Македонија не смее да молчи. Потребна е акција, доколку навистина сакаме да се справиме со општественото зло кое се вика организиран криминал и корупција.

Ве убедувам, ќе бидам упорен во мојата борба сѐ додека не победат вистината и правдата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close