Стечај со умисла

Мојот финален исказ пред обвинителството и борбата за вистината

Почитувани читатели, во овие магловити декемвриски денови ги чествувавме големите празници Свети Климент и Свети Никола, а во очекување сме на новогодишните празници. Мислам дека сите имаме заедничка желба, со збогувањето од оваа година, идната 2026та да ни донесе добро здравје, чист воздух, просперитет и мали радости на сите сограѓани во земјата.

Пред нас се новогодишните и божиќни празници кои во македонската православна традиција се длабоко вкоренети како незаменливо наследство од нашите предци.

Изминаа 5,5 години од носењето на Еуростандард банка во стечај. Деновиве бев втор пат повикан на распит во Основното јавно обвинителство за мојот финален исказ во врска со стечајот. Во исказот кој траеше повеќе од 2 часа, ги дадов сите мои ставови, базирани на факти за стечајот на Еуростандард банка. Потврдив дека носењето на Еуростандард банка во стечај е убиство со умисла.

Фактите сами за себе говорат дека правните и физички лица, клиенти на банката се 100% обештетени. Стечајот сѐ уште трае и се собираат нови свежи финансиски средства. Овој факт сам за себе говори дека убиството на Еуростандард банка било направено со умисла и дека зад него стојат одредени структури од банкарскиот свет, на кои им пречеше Еуростандард банка. Патем, беа подржани од системот на државата.

Мојата банка сакаше да испадне од синџирот лоши практики во банкарството, да воведе во банката еден стамен, модерен систем за функционалност каде што приоритетите првенствено ќе беа интересите на нашите клиенти, правни и физички лица.

Можеби делуваше арогантно од моја страна, меѓутоа му посочив на Јавниот обвинител дека доколку ОЈО, како базичен систем во државата, ја вршеше својата истрага согласно фактите, на моето место денеска требаше да биде на распит госпоѓата Бежоска.

Посочив дека Народна банка прескокна два базични инструменти кои ги имаше на располагање, а тоа се вонредни мерки и администрација. Вонредните мерки значат одземање на лиценци на членови на Надзорен и Управен одбор. Такво нешто воопшто не се случи. Доколку се воведеше администрација за само 12 месеци ќе се знаеше дали банката има право на живот или треба да се носи во стечај.

Посочив дека Народна банка не го прими на средба потенцијалниот инвеститор, кој ги задоволуваше сите барања предвидени со законот за банки во Македонија.

Посочив дека, Народна банка цела година пред објавата на стечај, ѝ го одзема правото на Eуростандард банка да работи со правни и физички лица.

Посочив дека на само 6 месеци пред стечајот, ние акционерите докапитализиравме 13,5 милиони евра свеж капитал.

Го посочив и фактот дека за време на вонредната состојба од Ковид-19, цели 97 дена, ние бевме дополнително осудени, овој пат од Техничката влада на Оливер Спасовски, да како банка не можеме да вршиме присилна наплата од доспеани побарувања.

Ја посочив и Техничката влада на Оливер Спасовски, како соучесник во овој чин, бидејќи носи две уредби со сила на закон, објавени во Службен весник. Првата на 24.02.2020 во која се обзнанува дека се забранува стечај на правно лице минимум 3 месеци по завршувањето на вонредната состојба од пандемијата. Со исто таква уредба, овој пат објавена на 29.05.2020 година, се укинува претходната уредба и обзнанува дека стечај е можен веднаш по завршувањето на вонредната состојба.

Единствениот правен субјект, кој отиде веднаш во стечај по вонредната состојба, беше Еуростандард банка.

Во мојот исказ, пред Јавниот обвинител, укажав на незаинтересираноста на Собранието на Република Македонија, посебно на Комисијата за финансирање и буџет која направи само еден распит и целиот предмет остана во фиока.

Јавноста мора да знае дека Собранието на Република Македонија е единствената надлежна институција која со закон има право да го контролира работењето на Народна банка. Такво нешто не се случи.

Надежта последна умира. Веруваме дека еден ден нештата ќе се разјаснат и вистината ќе дојде на виделина.

Местото и улогата на судскиот систем во Македонија е траорно лош, со евидентни 2-3% доверба од нас граѓаните.

Актуелната влада презема низа чекори да го врати овој систем, да ни биде во функција на нас граѓаните. Јасно е дека овој систем сѐ уште е заробен од претходната власт. Дали тоа ќе остане така и понатака, времето ќе покаже.

Жална е констатацијата дека во досегашната 35 години самостојност на Македонија, политичките партии на власт го контролираат целиот судски систем. Се надевам дека оваа влада нема да го практикува истиот принцип и ќе настојува да го доведе во ред. Истиот ни служи нам граѓаните, а не на политичките интереси зад кој цути криминалот и корупцијата.

Морам и сакам да верувам, дека еден ден правната држава ќе профункционира во нашата држава Само на тој начин ќе успеам да излезам од бездната која ме голта 5,5 години. Легнувам и станувајќи само со една мисла, зошто ова мене ми се случи?

Почитувани читатели, не барам милост, барам правда.

Во следната 2026та година очекувам дека случајот ќе биде вистински откриен и дека креаторите и реализаторите на овој злостор ќе се најдат пред очите на јавноста и судските органи. Нема да отстапам ниту милиметар од она што е зацртано како код во мојата морална вертикала како поединец и човек. Во животов сум се молел само пред Бога и пред никого повеќе.

Трифун Костовски

 

Back to top button
Close