Стечај со умисла, држава без совест

Трифун Костовски

Почитувани читатели, веќе 5,5 години се води истрага против мене и моето семејство за вмешаност во стечајот на Еуростандард банка. Со сета моја енергија, искуствено знаење и верба во правда учествувам во процесот чувствувајќи се како Јозеф К. во романот ,,Процес” на Франц Кафка. Виновен без вина, осуден пред пред време додека правдата е заробена, а виновниците на слобода.

Стечајната постапка е во завршна фаза. Фактите се аргументирани и потврдуваат дека стечајот бил направен со умисла! Нашиот заробен правен систем, наместо да им служи на граѓаните ставен е под контрола на криминогените структури кои денес владеат во нашата земја

Јас и моето семејство стечајот го доживеавме како гром од ведро небо. Ниту еден момент, за време на две децениското работење на Еуростандард банка формирана со свеж капитал 2000та година, не престанавме да соработуваме со структурите на Народна банка за опстојување на банката согласно позитивните банкарски прописи во нашата земја.

Одлуката на Екс-гувернерот Анита Бежовска да ја носи Еуростандард банка во стечај, и денес после 5,5 години се гледа дека била ирационална и тенденциозна со целно уништување на еден правен субјект, внесување несигурност во животот на повеќе илјади мои сограѓани, клиенти на банката, правни и физички лица, нанесувајќи штета на банкарскиот сектор, Македонски пошти и секако, лично на моето семејство. До последен момент правевме потези, барани од Народна банка за докапитализација на банката.

На само 5,5, месеци пред објавувањето на стечајот, банката ја докапитализиравме со нови 13,5 милиони евра. Повторувам, нови 13,5 милиони евра, мои и на моето семејство!

Во интервјуто дадено за неделникот фокус, од страна на Екс-гувернерот Анита Бежоска, објавено на 3 септември 2020 година, таа јавно изјавува дека притисокот за докапитализација бил наменет само за да обезбеди повеќе средства во стечајната маса на Еуростандард банка.

Јавноста мора да знае дека ова интервју, кое примарно беше објавено на веб страната на Народна банка, денес е избришано!

Госпоѓата Бежоска не користеше инструменти кои ѝ беа на располагање за стабилизација на банката, какви што се: вонредни мерки и администрација.

За сериозен Гувернер кој врши висока и одговорна функција, администрацијата е алатка која не смее да се прескокне. За жал, госпоѓата Бежоска која како Гувернер има неприкосновено право да одлучува за покренување стечај, го прескокна овој инструмент кој ѝ беше на располагање .

Доколку се внесеше администрација во Еуростандард банка податоците за Еуростандард банката ќе беа попозитивни отколку што се денес.

Сите правни и физички лица како клиенти на банката, денес се обештетени. Сѐ уште се собираат средства во стечајната маса, а обемот на собраните средства во стечајната маса на Еуростандард банка во Македонија е тајна.

Тенденциозноста на Екс-гувернерот Бежоска се гледа и од следните неколку факти:

Цела 2019та година и осум месеци од 2020та година ни беше одземено правото за работа со правни лица. За работа со физички лице ни беше дозволен ограничен термин од неколку месеци.

На инсистирање на Народна банка обезбедивме сериозен партнер спремен да влезе во структурата на банката со нејзина докапитализација.

Госпоѓата Бежоска постави рампа за овој партнер и цели три месеци не го прими ниту на еден разговор.

Вонредната состојба од Ковид-19 за госпоѓата Бежоска беше само повод час поскоро да ја однесе банката во стечај. За време на 97 дневната вонредна состојба, Техничката влада, предводена од Оливер Спасовски, ни забрани присилна наплата на доспеаните побарувања. Банката беше ставена во агонија без право да работи со правни и физички лица, како и без право за присилна наплата на доспеани побарувања.

Немаше правен субјект во земјата кој не ја почувствува вонредната состојба на сопствениот грб.

Госпоѓата Бежоска носи одлука за стечај на Еуростандард банка во период на тукушто завршена вонредна состојба од пандемијата Ковид-19, тукушто завршени пред времнени парламентарни избори, без оформенo Собрание и Влада на Република Македонија.

За жал, ваквиот потег не е изолирано налудничав, туку е пракса во Македонија. Повеќе од очигледно е дека ваквите налудничави идеи и постапки се наша реалност.

Стечајниот управник на Еуростандард банка, Маринко Саздовски кој ја води стечајната постапка, е ,,управник” без лиценца за водење стечај на банка. Неговите неприфесионалност и нетранспарентност кон јавноста и институциите се очигледни.

Финансирањето на водење на оваа 5,5 годишна стечајна постапка се прави со средства од банката. Тоа се повеќе милиони евра средства на банката потрошени од страна на стечајниот управник и неговиот тим.

Отворањето истрага од страна на Јавното обвинителство за мене и моето семејство трае повеќе од 5 години, иако согласно законите кои владеат во државата истрагата треба да заврши за 18 месеци.

Најперфиден (за мене многу болно) е фактот што Јавното обвинителство отвара истрага за мене и моето семејство само на база на писмен допис од Народна банка, без темелни податоци за стечајот на банката. За Јавното обвинителство очигледно е дека покренување истрага по допрен глас, во мојот случај не важи.

Изминатите 5,5 години секоја недела упорно пишувам колумни поврзани со стечајот на Еуростандард банка. Во континуитет ги изнесувам фактите за злосторот направен со умисла.

Отворив сопствена истрага за стечајот на Еуростандард банка, каде и јас како нарачател не сакав да бидам поштеден.

Жално е што Јавното обвинителство и институциите кои се занимаваат со борбата против организираниот криминал и корупција, никогаш не преземаа чекор да ме повикаат за било каков распит поврзан со моите аргументи кои често ги повторувам во јавноста.

Почитувани читатели, оваа порака ја испраќам до Јавното обвинителство бидејќи молкот на Јавното обвинителство е соучесништво во криминал. Отворете истрага против Екс-гувернерот Анита Бежоска и актуелниот стечаен управник Маринко Саздовски. Тие се двете најистурени личности за кои Јавното обвинителство мора да преземе сериозна истрага.

Ако градиме правна држава за сите граѓани, тогаш чесно е да отпочнеме вистинска борба против сторителите и реализаторите на злоделата кои се денес реалност во Република Македонија. До кога виновниците ќе бидат на слобода во држава каде му се суди на чесниот граѓанин?

Продолжувам со мојата борба во име на правдата.

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close