Стефан Богоев ќе биде главен за истражување и анализи во СДСМ
Вечерва се одржа седница на Централниот одбор на СДСМ, а партиското тело го назначи потпретседателот Стефан Богоев за Директор на Центарот за истражување и анализа на СДСМ.
„Останувањето на потпретседателот Богоев во партијата, кој во изминатите години извршуваше повеќе јавни функции, беше пратеник, градоначалник, со својот потенцијал, искуство и знаење ќе придонесе кон јакнење на капацитетите на СДСМ, подобрување на ефикасноста, начинот на работа и ќе допринесе во градење нов систем и пристап на градење и реализирање на политики“, соопшти партијата.
Централниот одбор донесе одлука со којашто започнува постапката за избор на претседатели и членови на секретаријати на 19 партиски комисии, стручни работни тела на СДСМ, кои имаат важна улога во креирањето и евалуацијата на мерки и политики на партијата.
Преку отворен повик кој јавно ќе биде објавен, вклучително и на интернет страната на СДСМ, сите заинтересирани членови и симпатизери кои ги исполнуваат условите, кои се стручни и компетентни, можат да поднесат кандидатури.
Со изборот на нови претседатели и членови на секретаријати се заокружува процесот за комплетирање на партиските тела согласно новиот концепт на работа, велат од СДСМ.