Стефановски: Уметноста гради мостови, а политичарите се занимаваат со инфраструктура

Ние, луѓето од уметноста, градиме мостови, јас можам да напишан песна, а не да направам пат, тоа е работа на политичарите, изјави за бугарската новинска агенција БГНЕС гитаристот Влатко Стефановски кој со своето трио гостува на џез-фестивалот во Благоевград.

Во текстот во кој БГНЕС го нарекува легендарниот Стефановски и потсетува дека е основач на групата „Леб и сол“, дека е гитарист и автор на десетици песни, меѓу кои во Бугарија е најпопуларна „Бел коњ (Циганска песна)“, нашиот музичар вели дека му е пријатно во Благоевград и дека не е првпат таму.

-Сум бил на блуз-фестивалот, како и пред 40 години со мојата група „Леб и сол“ на тогашните меѓугранични средби организирани од луѓето разделени со границата. Сум свирел и во Петрич, честопати одам во Банско. Имам тука многу пријатели и се радувам што вечерва настапуваме на џез-фестивалот овде. Уште подраго ми е што во овие чудни ситуации во кои се наоѓаме сите, некој се интересира  за музика и да може да се одржи концерт. Тоа е привилегија и голема радост за нас, изјави Стефановски.

Многу долго време, вели, сите се под некакво чудно ембарго, пет месеци не свиреле никаде. Тоа е и за многу негови колеги  голем проблем зашто, вели, има  луѓе кои свират свадби, а свадбите се укинаа и ги нема.

– Нас први нè укинаа и верувам и последни ќе ни дозволат да работиме. Ние не правиме пица, не произведуваме пиво, ние, сепак, правиме уметност, култура. Се плашам за човештвото ако продолжи да живее без култура, не знам каде ќе отиде цивилизацијата. Не може да се живее без култура, без театар, да не се снимаат филмови. Многу ретки се концертите, не знам како ќе се живее понатаму. Не е дека јас којзнае колку сакам да патувам и да свирам, но имам потреба како публика да отидам некаде и да гледам концерт. Не можам само телевизија да гледам цел ден, рече Стефановски.

Но времето, вели, најдобро го искористиле зашто со триото и со гости направиле нов албум, снимањето е готово по пет месеци и очекува на почетокот на есента да биде објавен.  – Верувам дека ќе биде вистинска привилегија на сите на кои нашава музика нешто им значи, истакна познатиот музичар.

Во изјавата тој посакува и благосостојба на целиот Балкан, нагласувајќи дека луѓето од уметноста ги градат мостовите, а политичарите се тие коишто се занимаваат со инфраструктура и изградба на патишта.

-Би сакал многу мир и благосостојба за сите балкански земји и имам желба да ги видам поспокојни и побогати балканските народи. Ние градиме мостови, а политичарите се занимаваат со инфраструктура. Јас не можам да изградам пат, можам да напишам песна, додава Стефановски за БГНЕС.

Back to top button
Close