Стигматизација на ЛГБТ заедницата: Законот за родова еднаквост не е донесен и нема врска со јавни тоалети
Објава на социјалната мрежа Фејсбук манипулира со законот за родова еднаквост и шири купишта невистини за неговите цели и содржина. За законот има објавено само драфт верзија, во која воопшто не се споменуваат јавните тоалети, тој се однесува на унапредување на правата на жените и постигнување еднаквост и рамноправност
Рецензираме објава на социјалната мрежа Фејсбук во која пишува:
ВНИМАНИЕ !
ЗАКОН ЗА РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ ЗНАЧИТ ДЕКА:
ЖЕНСКИТЕ ТОАЛЕТИ, ТУШ КАБИНИ, ПРЕСЛЕКУВАЛНИ ке можит да ги користит секој МАЖ кој се декларират како жена!!!
Ке немате право да ги негирате, спречите или да им се обратите спротивно од она како што тие се чувствуваат во моментот, затоа што ке одговарате според РОДОВИОТ ЗАКОН !!!
Таквите МАЖИ ке можат да флертуваат со малолетните девојчиња, да ги додирнуваат… затоа што според законот, тие МАЖИ се ЖЕНИ !
Гога сорос е Прва добитничка на медал за Родова Еднаквост на глобален самит за жени организиран од сорос групацијата промотор на ЛГБТ ,РОДОВАТА ЕДНАКВОСТ и другите пореметености !
Овие се документирани факти а не пред изборни пропаганди.
Имајте во предвид ЗА КОГО ВСУШНОСТ ГЛАСАТЕ.
Тие кои до сега не биле информирани за агендата на “своите” кандидати и ПАРТИИ, сега се информирани.
Законот за родова еднаквост не значи дека женските тоалети, туш кабини, соблекувални ќе може да ги користи секој маж кој се декларира како жена. Овој закон се доработува и објавена е само негова драфт верзија. Во неа нема ништо поврзано со користење тоалети. И денеска, кога нема закон за родова еднаквост, никој никому не му бара идентификација дали е маж или жена пред да влезе во тоалет.
Во делот од објавата се додава дека „таквите мажи ќе може да флертуваат со малолетни девојчиња да ги допираат бидејќи таквите мажи се жени“. Ова е пропагандно тврдење кое има за цел трансродовите луѓе да ги претстави како сексуални предатори. Тајм Магазин веќе има објавено дека овој аргумент е мит.
Со тоа се согласува и пратеничката Санела Шкријељ.
Уште еден мит, дезинформација и лага што ја користи антиродовото движење. Апсолутно не постојат истражувања или податоци за ваква пракса. Треба да сме свесни дека токму трансродовите лица се тие што се изложени на насилство. А кога зборуваме за вознемирување на жените, тие во многу поголема мера се изложени на секаков вид на родово-базирано насилство – меѓу останатите, и вознемирувањето. Меѓутоа, статистиката многу јасно покажува дека во најголем процент од случаите, насилниците се познати мажи – дали партнерот во интимна релација, брачниот партнер. Апсолутно е неточна оваа информација дека трансродовите луѓе ќе ги користат женските тоалети за да ги вознемируваат жените, вели Шкријељ (11 минута и 30 секунда на видеото).
Што предвидува драфт верзијата на законот
Во драфт верзијата од законот за родова еднаквост се наведени дефиниции за тоа што значи родова еднаквост.
Според тие дефиниции, „родова еднаквост“ подразбира:
Еднаквост на жените, мажите и луѓето со разновидни родови идентитети во видливоста, вреднувањето, одговорноста, третманот, можностите, учеството, пристапот и контролата врз ресурсите и моќта во сите сфери на јавниот и приватниот живот.
„Пол“ ги подразбира физичките карактеристики на поединецот (репродуктивен систем, хромозоми, хормони), според кои се назначува полот кој на поединци им се определува при раѓањето, врз основа на комбинација на телесни карактеристики и внатрешни репродуктивни органи;
„Род“ ги подразбира општествено конструираните улоги, однесувања, активности и атрибути што дадено општество ги смета за соодветни за жените и за мажите;
„Родов идентитет“ се однесува на внатрешното и индивидуално доживување на сопствениот род што секое лице длабоко го чуствува за себе, што може, но и не мора да соодветствува на полот што му е определен при раѓање, како и личното доживување на сопственото телото и поинакво изразување на родот, вклучително име, облека, говор, манири и друго.
Според драфт верзијата, „дискриминација врз основа на пол и род“ е секое разликување, исклученост или ограничување по основ на пол и род што влијае на, или има за цел да го попречи или поништи признавањето, уживањето или остварувањето на човековите права и основни слободи на жените во политичката, економската, социјалната, културната, граѓанската или која било друга сфера, независно од нивниот брачен статус, и врз основа на еднаквоста на мажите и жените.
Важно е да не се прави мешање меѓу законот за родова еднаквост и законот за матична евиденција.
Со овој закон (закон за родова еднаквост) ниту се третира менувањето на полот, ниту пак, истополовите бракови, туку тој се бави со унапредување на положбата на жените, како и еднаквите можности на мажите и жените во општеството. Воспоставување на еднаквост, создавање на видливост на жената во општеството е единствената намера на креаторите на овој закон, потенцираше министерката за труд и социјала Јованка Тренчевска.
Во земјава веќе има 14 трансродови лица коишто во личните документи ја имаат променето ознаката за пол.
Но, поради тоа што немало точно определена процедура, тоа било правено врз основа на пракса на институциите, а не со стандардна процедура. И најважно од сè, тоа е направено без да биде изгласан законот за родова еднаквост, за кој се пишува во објавата која ја рецензираме. Така што законот за родова еднаквост не го третира моментот со менувањето на ознаката за пол во личните документи.
Но, оваа промена на ознаката за пол беше причина Северна Македонија да губи случаи пред Европскиот суд за човекови права поради непостоење на унифицирана брза и транспарентна постапка, со која ќе им се овозможи на трансродовите луѓе правно признавање на родот.
Целта на законот за родова еднаквост е да се обезбеди остварување на потполна родова еднаквост во сите сфери на јавниот и приватниот живот, со зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството и овозможување на еднакви можности за остварување на сите права преку унапредување на родовата еднаквост.
Стигматизација
Во објавата што ја рецензираме се наведува дека „ќе немате право да ги негирате, спречите или да им се обратите спротивно од она како што тие се чувствуваат во моментот, затоа што ке одговарате според РОДОВИОТ ЗАКОН“. Законот за родова еднаквост уште не е донесен. Не е јасно на што се мисли кога се кажува дека нема да имате право да ги „спречите” или „да им се обратите спротивно од тоа како тие се чувствуваат во моментот”. Да ги „спречите” во што? Но, забележлива е стигматизација и тенденциозен пропаганден наратив, дека трансродовите лица го менуваат идентитетот согласно своите чувства, што не е така.
Родовата еднаквост е еден од базичните постулати на нашиот Устав. Нашиот Устав гарантира еднакви можности и еднакви права за секоја индивидуа, без оглед на различностите, па оттаму и денеска, без законот за родова еднаквост не смее да се дискриминира.
Со влегувањето на земјава во Советот на Европа во 90-тите години и пристапувањето кон конвенциите на Обединетите нации, родовата еднаквост станува дел од правниот поредок.
Во програмите на сите парламентарни политички партии може да се најдат заложби за родова еднаквост. Она што е ново е мобилизирањето на антиродовите актери, додека политиките за родова еднаквост во оваа земја постојат многу одамна,вели Драгана Дрндаревска од Коалиција Маргини (18 минута и 49 секунда во видеото).
Наспроти изнесеното во објавата што ја рецензираме, „ЛГБТ и родовата еднаквост не се пореметености“. Станува збор за пропаганден жигосувачки наратив против идејата за еднаквост, како што впрочем и е наведено во целите за тоа зошто има потреба од овој закон (член 2 од драфтот), а тоа е за да постои потполна родова еднаквост во сите сфери на јавниот и приватниот живот со зајакнување на положбата и статусот на жената во општеството и овозможување на еднакви можности за остварување на сите права преку унапредување на родовата еднаквост.
„Потполна еднаквост“ е:
Еднакво фактичко уживање на граѓанските, политичките, економските, социјалните, културните и солидарносни права, еднаква моќ, еднаква распределба на општествените добра и користа од нив помеѓу жените и мажите во сите сфери на приватниот и јавниот живот(член 4 став 9).
Инаку, Гордана Силјановска-Давкова која пејоративно е спомената во објавата, има изјавено дека на земјава ѝ е потребно Министерство за родова еднаквост. Таа го даде својот глас за Стратегијата за родова еднаквост, поради што е мета на навреди и атак, како во објавата што ја рецензираме.
Поради сите горенаведени факти оваа објава ја оценуваме како невистинита. Законот за родова еднаквост не е поврзан со користење тоалети, дополнително во објавата трансродовите лица се стигматизираат и жигосуваат. Исто така, во неа се шири говор на омраза и нетрпеливост кој ЛГБТ заедницата која се нарекува „пореметеност”.
извор: Вистиномер