Стигна супервештачењето за Ласкарци, судењето почнува од почеток

По една година чекање, во Кривичниот суд конечно стигна супервештачењето коешто го нарача судот и се чекаше за да продолжи судењето за автобуската несреќа што се случи во 2019 година кај Ласкарци кога загинаа 16 лица, а досега нема ниту еден обвинет

.Од Кривичниот суд соопштија дека вештиот наод од Бирото за вештачење пристигнал денеска непосредно пред денешната судска расправа и им беше доставен на обвинителот и обвинетите преку нивните бранители.

Судењето продолжува на 24 јануари со формално отпочнување од почеток и ќе започне со сослушување на вештите лица кои го изготвиле наодот.

-Судењето ќе продолжи на 24.01.2023 година кога формално треба да почне од почеток заради проток на 60 дена, за што постои и согласност од странките, за потоа да бидат повикани на сослушување и вештите лица кои го изработија наодот, со што доказната постапка ќе биде завршена и ќе се изведат завшрните зборови на странките пред објавување на првостепена пресуда, велат од Судот.

Супервештачењето кое Судот го нарача во декември 2021 година беше одбиено од факултетите од државава, со објаснување дека нивните вешти лица веќе учествувале во претходното вештачење, а Техничкиот факултет во Битола, своевремено, дополнително извести и дека го вратиле предметот бидејќи нивните лиценцирани вештаци за машинство се стручни само за енергетика и не можат да вештачат моторни возила.

Од Кривичен, потоа, информираа дека контактирале со Универзитетот во Штип и Машинскиот факултет во Скопје, од каде што биле известени дека тие немаат доволно лиценцирани вешти лица за сообраќајни возила кои не учествувале во претходните вештачења.

Откако факултетите одбија, предметот беше испратен во Бирото за судски вештачења кое има можност да формира тим од лиценцирани вешти лица кои ќе направат супервештачење.

Обвинети во случајот за несреќата кај Ласкарци, што се случи на 13 февруари 2019 година, а во која загинаа 16 лица и над 30 беа тешко повредени, се Дурмиш Белули, сопственик на компанијата „Дурмо турс“, одговорниот за транспорт во фирмата, Ремзи Мифтари, и возачот на автобусот, Маноил Трифуновски, кои се товарат за сторени тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот, додека, тројцата вработени во станицата за технички преглед, Игор Ѓорѓиевски, Горан Дуковски и Јане Боварски, се товарат за соучество во истото дело.

Судскиот процес за несреќата кој започна во септември 2019 година го води судијката Диана Груевска Илиевска, а застапник на обвинението е јавниот обвинител, Дарко Јакимовски.

Back to top button
Close