Стих од песна на Лидија Димковска е годинашно мото на „Традуки“ на Саемот на книга во Лајпциг
Стих од песна на писателката Лидија Димковска е годинашното мото на претставувањето на Европската мрежа за превод и книги „Традуки“ на Саемот на книгата во Лајпциг, што е во тек.
Како што соопшти авторката, станува збор за стихот „јазикот, пасошот и две-три фотографии“ од песната „Земјата што се распаѓа“ од поетската збирка „Гранична состојба“ на Димкoвска, за која ја доби наградата „Браќа Миладиновци“ за 2021 година, а наредната година ќе излезе и на германски во препев на Александер Зицмен.
Германските медиуми пишуваат дека „Традуки“ насловот на својата програма во Лајпциг „Јазик, пасош и две, три фотографии“ го презел од Лидија Димковска која во својата песна „Земјата што се распаѓа“ набројува што зема човек со себе кога треба набрзина да го напушти домот, односно татковината.
Песната „Земјата што се распаѓа“ беше неодамна објавена во австриското списание „Лихтунген“ посветено на современата македонската книжевност.