Стипендии од 2500 и 2000 денари за 23 ученици во Струмица додели Фондацијата “Заев – Едно општество за сите”
Вкупно 68 талентирани ученици од основните и средните училишта во општина Струмица, денеска во Градската уметничка галерија добија дизајниран сертификат за стипендија од општина Струмица и Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“.
-Сите ние сме свесни дека предизвиците со коишто се соочуваме како држава, а тоа е одливот на мозоци и паметни луѓе, е еден од поголемите предизвици со коишто се соочуваме ние како заедница. Таквите предизвици наметнуваат обврска на локалните самуправи, на државите, на општествено одговорните фондации и генерално на луѓето, да сториме се што е во наша моќ, макар тоа било и за миг, да мотивираме, да спречиме и да превенираме, рече градоначалникот Костадин Костадинов, кој како и минатата година и оваа беше иницијатор за финансиска поддршка на талентираните ученици.
Тој појасни дека Општина Струмица веќе втора година по ред го распишува Јавниот повик преку кој дава стипендии на најталентираните деца од основно и средно образование во општина Струмица со цел да ги мотивира и децата, но и родителите, да продолжат да ги даваат успесите и се надевам дека таквиот сертификат, иако вредноста е воопшто неважна, тоа е валоризација за вашиот труд и вашата посветеност за наше заедничко подобро утре.
-Кога зборуваме за плодна соработка, за потпишани меморандуми, особено драг е меморандумот којшто го имаме потпишано со Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“, обезбедувајќи стипендии за 13 основци и 10 средношколци којшто треба да биде мотив и за останатите луѓе, организации, за целиот граѓански сектор, дека само по себе Општината, општинската администрација, советниците, не можат да сторат ништо, без притоа да имаме на ум дека треба да го сториме она, што всушност е најтешко да се биде во 21 век, да се биде човек, да се има разбирање, да се дава поддршка, да се биде човек којшто мотивира, да се биде човек којшто инспирира и да се биде човек којшто знае и текако да ги препознае и да ги награди успешните луѓе, а во денешниот случај успешните наши струмички деца од основно и средно образование. Драги дечиња, сигурен сум дека таквото признание коешто ќе го добиете и стипендијата што ќе ја добиете како плод на успешната соработка на општина Струмица со Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“ ќе ви биде силна мотивација да бидете и понатаму чувари на образот на Струмица, рече Костадинов.
Од името на Фондацијата „Заев – Едно општество за сите“, се обрати претставничката Ева Заева.
-Иднината на нашето општество, иднината на нашата заедница и иднината на секој поединец се заснова на стремежот кон создавање на нови знаења и искуства во текот на образованието, но и потоа. Оние кои ги прават активностите на нашата Фондација знаат дека голем број од досегашните активности беа насочени токму кон учениците и младите луѓе. Така беше досега, така и ќе продолжиме во иднина. За среќа ние не сме осамени во таа наша мисија, на истата бранова должина се најдовме и со општина Струмица, која на чело со градоначалникот Костадинов води грижа за развојот на младите и студентите. Токму поради таа причина решивме да се приклучиме во стипендирањето на талентирани млади основци и средношколци, рече Заева.
Стипендијата изнесува 2.500 денари за учениците од средните и 2.000 денари за учениците од основните училишта во траење од 9 месеци.