Стипендии за магистерски студии во Обединетото Кралство преку програмата „Жени во СТЕМ“ на Британскиот совет

Стипендии за талентирани научнички за магистерски студии во Обединетото Кралство обезбедува програмата „Жени во СТЕМ“ на Британскиот совет (British Council), кој соопшти дека оваа година програмата доделува 15 стипендии во 10 земји во Европа, вклучувајќи ја и Северна Македонија.

Како што информира Британскиот совет, оваа програма обезбедува пристап до разновиден опсег на курсеви со сеопфатни придобивки, како што се целосно покривање на школарината, месечни стипендии за живот, патни и визни трошоци и надоместоци за здравствено осигурување.

 

– Во чест на Меѓународниот ден на жените и девојките во науката (11 февруари), програмата „Жени во СТЕМ“ на Британскиот совет нуди целосно финансирани стипендии за талентирани научнички од Северна Македонија за студирање на програмите по наука, технологија, инженерство и математика (СТЕМ) во Обединетото Кралство. Оваа година Британскиот совет доделува 15 стипендии (пет од универзитет) за научнички од Турција, Западен Балкан, Централна Азија и Јужен Кавказ. Програмата овозможува пристап до разновиден избор на магистерски програми на три истакнати британски универзитети – Универзитетот во Бат, Универзитетот во Брадфорд и Универзитетот во Дарам. По завршувањето на студиите, научничките се враќаат дома за да придонесат во СТЕМ-секторот во своите земји преку споделување на вредните врски и искуства од Обединетото Кралство – се наведува во соопштението.

 

Секоја стипендија за академската 2026 – 2027 година вреди најмалку 40.000 фунти, вклучувајќи школарина, стипендии за живот, патни и визни трошоци, надоместоци за здравствено осигурување и поддршка за англиски јазик.

 

– Стипендиите што го менуваат животот овозможуваат пристап до водечки светски научни и истражувачки универзитети во Обединетото Кралство и платформи за поврзување со експерти за СТЕМ и глобалната мрежа на алумни од Обединетото Кралство. Програмата е подготвена како можност за оние што немале шанса да студираат во странство и им дава приоритет на кандидатките што не би можеле да продолжат со образование во странство без оваа стипендија. Нагласувајќи ги еднаквоста, различноста и инклузијата, програмата ги поздравува апликациите од жени од која било возраст. Дополнително, кандидатките мора да ги исполнат условите за прием на конкретната универзитетска програма и да поседуваат соодветна диплома за додипломски студии – информира Британскиот совет.

Повеќе информации за стипендиите достапни во Северна Македонија може да се најдат на веб-страницата на Британскиот совет. Рокот за пријавување за стипендии за жени во СТЕМ е крајот на април 2026.

Back to top button
Close