На 30ти март ќе почне судењето на Стојанче Јовановски за наведување на самоубиство на Ивана

На 30 овој месец е закажан стартот на судењето за сопругот на Ивана Јовановска која на 2 март се фрли од балконот со детето во раце и двете починаа на лице место.

Стојанче Јовановски е обвинет за три кривични дела, Телесна повреда од член 130 став 2 во врска со став 1 и во врска со член 45, односно телесни повреди сторени како продолжено дело на семејно насилство, потоа Загрозување на сигурноста од член 144 став 3 во врска со став 2 и став 1, како и кривично дело – Наведување на самоубиство и помагање во самоубиство од член 128 став 4 од Кривичниот законик.

Судењето ќе го води судијата Ивица Стефановски познат во јавноста по судењето за убиствата на Вања Ѓорчевска и Панче Жежев.

Обвинетиот Јованосвки, на 2 март, на повеќе локации во Скопје, при вршење семејно насилство физички ја нападнал својата сопруга, удирајќи ја со шлаканици и тупаници, при што ѝ нанел телесни повреди и во еден момент таа изгубила свест. Истиот ден, на паркинг зад Основен кривичен суд Скопје, ѝ упатил сериозни закани по нејзиниот живот, предизвикувајќи чувство на страв и несигурност.

Според обвинението, обвинетиот подолг период сурово и нечовечно постапувал кон оштетената, која била во зависна и подредена положба. По стекнување на сопственост врз станот во кој живееле, започнал со психичко и физичко малтретирање, кое во 2025 година ескалирало.

Тој често ја тепал и навредувал, и дома и на јавни места, дури и пред нивната малолетна ќерка, заканувајќи ѝ се дека ќе ја избрка и ќе ѝ го одземе детето. На критичниот ден, по нов бран насилство и закани, жената се вратила дома со детето со намера да си замине. Но, доведена во состојба на тешка психичка вознемиреност, страв и безизлезност, таа извршила самоубиство, скокајќи од терасата на станот од шестиот кат заедно со малолетното дете

Back to top button
Close