Стојаноска-Иванова: Дојавите за бомби кај децата создаваат недоверба кон институциите

Секојдневните дојави за бомби во средните училишта во главниот град не оставаат никој рамнодушен. Се јавува чувство на страв и стрес, пред сè кај самите деца, но и кај наставниот кадар кој е одговорен за децата додека се во училиштата. Со цел да се надмине оваа дестабилизација што во моментов се случува, социологот проф. д-р Татјана Стојаноска – Иванова во изјава за МИА вели дека е потребно институциите сериозно да ја сфатат задачата и оние кои се одговорни да бидат соодветно санкционирани, со цел да се врати довербата во системот.

– Тоа што исто така е важно е оној аспект на неизвесност при секое заминување во училиште, бидејќи не се случи еднаш. Сепак, се работи за малолетни деца, иако има и матуранти, тие се група на индивидуи кои сè уште не се морално и вредносно изградени и на самото тоа се надоврзува и другиот аспект, во контекст на довербата и односот кон институциите на системот, вели д-р Стојаноска – Иванова.

Кај самите деца се јавува чувство на страв и стрес и секој е загрижен за својот живот. Како што посочува, кога имате негативна емоција и целокупното расположение кај таа индивидуа е поинакво, начинот на пренесување на основните знаења и процесот на воспитување кај дел од учениците не е ист како претходно.

– Во однос на наставниот кадар, кај нив исто така е заложбата да се пренесе знаењето, моралните норми и вредности, но и како да се изведе евакуацијата кога ќе има дојава без да се предизвика паника и конфузија. Имате момент каде што и кај самите наставници се јавува емоција на страв и стрес, вели проф. д-р Стојаноска – Иванова

 

Опасност од вредносен и морален вакуум

По различни предмети како што се граѓанско образование или социологија се учат вредносни кодекси, односно дека институциите на системот правилно функционираат, што, според Стојаноска – Иванова, подразбира дека тоа функционирање треба да ги заштити граѓаните, значи основни аспекти на функционирањето на институции во едно демократско развиено општество.

Појаснува дека во такви критични моменти настанува конфузија кај децата и може да се предизвика еден вид на вредносен и морален вакуум од тој аспект или одредена недоверба во однос на правилното функционирање на системот.

– Сè уште виновниците не се откриени, не е пласирано на масовните медиуми дека некој е откриен и носи санкција и затоа велам со тоа се прави конфузија кај самите деца во процесот на одговорност и доверба кон институциите задолжени за тоа, бидејќи граѓанинот комуницира со тие институции, има доверба во нив и така ние и ги воспитуваме децата. Затоа кај нив може да се случи една двојба и да се запрашаат „Колку сега јас треба да верувам?“, не само во институциите задолжени за безбедноста, туку може да се појават и тие морални двојби во смисла дали нешто правилно функционира или не, вели социологот Стојаноска-Иванова.

Апел за враќање на довербата во институциите

Според неа, овие аспект се клучни и треба да се работи на нив, со цел во иднина да се покаже една позитивна слика во однос на враќање на довербата во институциите. За тоа, како што вели ќе помогне пласирање на виновниците преку масовните медиуми, како моќен фактор на социјализација во денешно време.

– Еден апел до институциите, сериозно си ја сфатат задачата затоа што навистина се губи од воспитно-образовниот процес. Треба да се посветиме на воспитно образовниот процес бидејќи губат децата и наставниците но и целокупното општество бидејќи во континуитет се случува една неможност да се едуцираат децата и да ги примат сите знаења што им се пренесуваат, порача социологот проф. д-р Татјана Стојаноска – Иванова.

Дојавите за бомби во дел од скопските средни училишта започнаа кон крајот на месец октомври оваа година. По добиените пријави, надлежните институции веднаш преземаа мерки за евакуација на учениците и целиот кадар, како и антитерористички проверки.

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски информираше дека пораките што се испраќаат преку електронска пошта до средните училишта се пуштени надвор од државата.

Лажни дојави за бомби оваа година имаше и во земјите од регионот, Босна и Херцеговина, Србија, Хрватска и Црна Гора. Покрај училиштата, во регионот дојави за бомби имаше и во трговски центри, аеродроми, студентски домови.

Back to top button
Close