Стојаноска: Заев го решава случајот со ГА-МА преку Собрание за да се спаси од одговорност
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата, по 21-часовна дебата во Собранието, го спречија СДСМ да му подари 33 милиони евра на Макпетрол, за преку тоа Заев да добие доминација на Телма, изјави на денешната прес-конференција Дафина Стојаноска од ВМРО-ДПМНЕ.
-Власта сака на мала врата, без доволно информации и консултации со јавноста, да изгласа закон со кој ќе му се признае на Макпетрол сопственост од 50 отсто во гасоводот во Македонија и истиот да му се плати по енормно висока цена од 33 милиони евра, иако самата власт вели дека вредноста на влогот на Макпетрол е 18.8 милиони евра. Се поставува прашањето зошто Владата на Макпетрол сака да му плати екстра 14.2 милиони евра? – праша Стојановска.
Таа додаде дека државниот правобранител не сакал да даде дозвола на премиерот Заев да го потпише договорот, зашто, според неа, тој е криминален.
-Заобиколувањето на судските инстанци и вмешувањето на Собранието е доказ дека Заев е свесен за криминалот што го прави, но не му е гајле ниту за народот, ниту за народните пари. Важен му е само неговиот интерес. Заев го решава случајот преку Собрание, со закон, затоа што така мисли дека ќе се заштити од подоцнежна одговорност. Тоа што седницата траеше до 8 часот изутрина говори колку власта прави криминал – рече Стојановска.