Стојановска: Иницијативата не е спротивна на Уставот, Џафери нема основ да ја отфрли

 

Од ВМРО-ДПМНЕ ја обвинија власта дека бега од народот и порачаа дека одбивањето на иницијативата за референдум само дополнително ќе ги заостри односите во Собранието. На прашањето дали ќе поднесат нова иницијатива, пратеничката Стојановска одговори дека тоа ќе го направеле доколу се работено за некои нормно-правни технички забелешки, но во случајот власта покажува класично основно правно непознавање

Иницијативата за референдум не е спротивна на Уставот, а Талат Џафери не е уставен судија за да го толкува Уставот, му одговорија доцна вечерва од ВМРО-ДПМНЕ на претседателот на Собранието откако тој му пиша на партискиот лидер Христијан Мицкоски дека ја отфрла иницијативата.

Пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Дафина Стојановска, на прес-конференција тврдеше дека не е точно тврдењето на Џафери за противуставноста на иницијативата и вели дека таа не го крши Уставот, а е и во согласност со членот 24 од Законот за референдум.

„Референдум за поништување на Законот за ратификација на Договорот со Бугарија е во согласност со членот 24 од Законот за референдум и не е во спротивност на Уставот. Членот 24 од Законот за референдум овозможува да се прави референдум и за меѓународни договори. ВМРО-ДПМНЕ има референдумско прашање со кое не ја менува содржината на договорот туку го спори законот за ратификација со која тој се прогласува за важечки. Антимакедонската СДС бега од македонскиот народ и останатите граѓани кои се против коалицијата СДС-ДУИ и не ја заслужуваат нивната доверба. Се плашат и бегаат од избори, бегаат од референдум, но нема да избегаат од следниот изборен пораз после кој следи одговорност пред законите и Уставот“,рече Стојановска.

Таа вели дека отфрлањето на иницијативата од страна на Џафери само дополнително ќе ги заостри односите во Собранието и ќе ги зголеми поделбите, а на прашањето дали сега ВМРО-ДПМНЕ ќе поднесе нова иницијатива, одговори:

„Тоа ќе го сторевме доколку се фатеа за некои нормно-правни технички забелешки, но во случајот тие покажуваат класично основно правно непознавање, иако Талат Џафери вечерва се стави во улога на Уставен судија, па ја толкува уставноста. Тука не се работи дека ние предлагаме да се менува меѓународен договор. Референдумското прашање е поднесено со нашата иницијатива и тоа гласи дали сме за престанок на важењето на ратификуваниот договор, што има голема разлика. Договор во Собрание има важност на закон, а за закон надлежно е Собранието. Тука се прави почетничка правна грешка од Талат Џафери“.

 

Претседателот на Собранието, пак, во одговорот до Мицкоски се повика на членот 118 од Уставот односно дека Меѓународните договори се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат.

„Имено, во членот 118 од Уставот на Република Северна Македонија е утврдено дека Меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок и не може да се менуваат со закон. Во членот 8, став 1, алинеја 11 од Уставот е утврдено дека темелната вредност на уставниот поредок на Република Северна Македонија е и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право. Поради горенаведеното, доставената граѓанска иницијатива не е прашање по кое може да се распише референдум на државно ниво“,апиша Џафери во одговорот до Мицкоски.

Back to top button
Close