Стојановски од ЦКП : Освен од економски причини заштедата на електрична енергија е важна и за заштита на животната средина

 Владее енергетска криза, постојано се апелира на заштеда на електрична енергија, па од таа причина Центарот за климатски промени на граѓаните им нуди бесплатен сет за мерење на потрошувачката со цел да им помогне полесно и поефикасно да го постигнат тоа. Заштедата на електрична енергија не е само поради економски причини, туку и поради заштита на животната средина.

Овој сет е наменет да им помогне на домаќинствата да заштедат електрична енергија, но и ЦКП да направи темелно истражување со цел да деде препораки до целата јавност за во иднина.

За сетот за заштеда на електрична енергија зборувавме со Филип Стојановски од Центарот за климатски промени, кој за МИА појасни дека граѓаните можат да дојдат во Центарот и на две недели да го земат сетот. Тие, го користат во нивните домаќинства и потоа го враќаат назад за да може некое друго домаќинство повторно да го земе.

– Во сетот е претставена понова технологија за некои од граѓаните. Ви доаѓаат четири мерачи за потрошувачка на електрична енергија. Притоа морам да напоменам дека размислувавме и на постарата генерација, на повозрасните, бидејќи повозрасните не се склони кон користење на паметна технологија како што се телефони и.т.н. и затоа овие два мерачи што се за потрошувачка на енергија се наменети директно да работат, значи само го приклучувате во напојување и дисплејот се вклучува и веднаш ви покажува која е вашата потрошувачка на електрична енергија. Имаме и два други мерачи за потрошувачка на електрична енергија кои што работат со помош на ви-фи односно преку апликација на паметен телефон, наведе Стојановски.

 

Тој додаде дека за тие два мерачи се симнува апликацијата на паметен телефон, се приклучува уредот и во моментот се гледа реалната потрошувачка, податоците ги имате секаде со вас и дополнително има и опција да се вклучува и исклучува самото напојување на прекинувачот.

– Во сетот сакавме да вклучиме повеќе работи, да опфатиме да кажеме еден поширок спектар што граѓаните можат да ги направат во нивните домови, така што вклучивме и еден термометар за мерење на температура во фрижидер или ладилник и замрзнувач. Најчесто ние го купуваме фрижидерот, го подесуваме со термостатот 1, 2, 3, 4, 5 односно ако немаме некој понов фрижидер не знаеме која е температурата внатре, па затоа е вклучен термометарот за да може да ја измери температурата во нивниот фрижидер односно замрзнувач, со тоа што ние имаме дадено и едно упатство и дневник за потрошувачка на електрична енергија, каде што се кажува точно која е енергијата, на која температура треба да го подесат термостатот во нивниот фрижидер за да може да има оптимален режим на работа, наведе Стојановски.

Тој истакна дека под оптимален режим на работа се смета и оптимална потрошувачка, односно ќе троши онолку енергија колку што му е потребна.

– Дополнитено сега следува зимскиот период, дел од домаќинствата имаат термометри меѓутоа она што недостига е дека кај некои домаќинства нема термометар и за мерење на влажноста во просторите, затоа во самиот сет е вклучен термометар со влажност. Притоа влажноста е важна и од здравствен аспект, меѓутоа и од енергетски аспект. Значи толку поголема влажност не е добра за нашето здравје. За да може да знаат која е оптималната вредност на влажност во домот и колкава е температурата во секоја од просториите, исто добиваат упатство да може да проверат, информираше Стојановски.

 

Тој наведе дека последната работа што е вклучена во самиот сет се лед светилки.

– Поголемиот дел од домаќинствата во Македонија ги имаат применето лед светилките, а дел од домаќинствата можеби се уште сметаат дека лед светилките не се добра замена и дека трошат повеќе енергија од обичните светилки и притоа дека не е иста светлината. Затоа, во самиот сет се вклучени две светилки, кога ќе го земат сетот можат да си ги променат светилките во нивниот дом. Има бела и жолта, и да споредат каква светлина дава нивната светилка со лед светилката. Дополнително, доколку не веруваат дека лед светилките трошат помалку енергија од обичните светилки, имаат една фасонка. Фасонката се става во кој било од мерачите на електрична енергија и може да ја споредат нивната сијалица и лед светилката колку трошат и на тој начин сами да се едуцираат дали нивната светилка троши помалку или повеќе, нагласи Стојановски.

Тој посочи дека имаат составено и дневник за потрошувачка на енергија за граѓаните да можат да водат евиденција за потрошувачката.

Дневникот има практична примена. За да не мора граѓаните да вложуваат дополнителни средства или да се мислат како да ги водат евиденциите за нивните електрични уреди ние им го даваме дневникот за водење на евиденција за потрошувачка на електрична енергија и таму се структуирани табелите на тој начин да можат сами да ги пополнуваат и да не им треба некое големо претходно знаење. Се што треба да направат е да ги отчитаат вредностите на мерачите и да ги запишат. Потоа само треба да се помножат по цената на електрична енергија и да добијат колку ги чини еден час, еден месец или цела година да работи тој уред, наведе Стојановски.

Тој додаде дека идејата е, откако ќе дознаат колку трошат електрична енергија нивните уреди на годишно ниво да видат дали има поефикасни енергетски уреди.

– Што значи тоа? На пример фрижидерот ни работи 24 саати, тој не може да го вклучуваме/исклучуваме. Доколку нашиот уред на годишно ниво троши 6.000 денари за електрична енергија, убаво е да се види дали има друг фрижидер што троши на пример 3.000 денари на годишно ниво за електрична енергија и на тој начин, фрижидерот да чини да кажеме 20.000 – 25.000 денари, па ви останува разликата од 3.000 денари, вие за осум години целосно ќе ги повратите средствата за новиот уред, појасни Стојановски.

Центарот за климатски промени веќе има спроведено анализа врз основа на податоците добиени од домаќинствата кои го користеле сетот за мерење. Анализата покажала дека домаќинствата кои го користеле сетот за заштеда на енергија во периодот на истражувањето им ги променила навиките во начинот на користење на електричните апарати, односно имале намалена потрошувачка на енергија – 22 проценти во висока тарифа и 11 процент во ниска тарифа.

Корисниците изјавиле дека дека сетот е одлична можност да се утврди потрошувачката на различни уреди и да се придонесе за промена на однесувањето.

Во моментов граѓаните, кои се пријавени на листата за користење на сетот, чекаат по две до четири недели. Очекувањата на ЦКП се дека заинтересираноста за сетот ќе се зголеми, особено во наредните три месеци кога ќе дојдат пониските температури и граѓаните ќе треба повеќе да ги загреваат домовите. Идејата на ЦКП, како што истакна Стојановски за МИА, е истражувањето да го спроведат и во зимскиот период, кога потрошувачката на електрична енергија е повисока заради загревањето на домовите.

– Во повеќето домаќинства во Република Македонија се загреваат на електрична енергија и на огревно дрво. Е сега ние сакаме да направиме, оние домаќинства што се загреваат со клима уреди или со греалки да гиопфатиме и да направиме поопсежно истражување. Да пратиме на пример во 100 домаќинства и во тие 100 домаќинства како ја трошат електричната енергија и колкав процент од нивната сметка се одвојува за загревање на домот, притоа да дадеме препораки како тоа да се намали и до Владата и до самите граѓани, нагласи Стојановски.

Тој апелираше до граѓаните да се пријават за користење на сетот за заштеда на енергија и да измерат кој апарат колку придонесува во потрошувачката на електрична енергија, односно во сметката за електрична енергија.

– Нашиот апел до сите граѓани е да ја применуваат мисијата на Центарот за климатски промени, односно да ја штитат животната средина и да прават активности за намалување на климатските промени, со цел подобра животна средина за сите. Воедно, да не се водиме секогаш од економските придобивки за заштеда на енергија, туку приоритет да и даваме на заштита на природата без која што не можеме да живееме, потенцираше Стојовски.

Граѓаните, бесплатниот сет за мерење на потрошувачката на електрична енергија можат да го добијат бесплатно во ЦКП на три начини – да ја отворат интернет страницата ckporg.mk и во контакт да ги најдат сите потребни податоци, преку емаил [email protected] или на телефонскиот број 02/5208-330.

Back to top button
Close