Сто евра за културата!

Неодамна, група ентузијазирани уметници, собрани под името ВИС „Тркалезна маса“, во летното кино „Мирно лето“, односно во дворот на Кинотеката на Македонија, одржаа прекрасен музичко-рецитаторски перформанс, наречен „Пат околу светот за еден век“, според стиховите на Славко Јаневски од неговата книга „Црни и жолти“, а по повод стогодишнината од раѓањето на овој великан на македонската култура.

На ова прекрасно доживување, создадено со многу добра волја и труд, а без речиси никаква институционална поддршка, ме потсети, ни помалку ни повеќе, туку премиерот Заев, односно Владата на Република Северна Македонија, со нејзиниот четврти пакет економски мерки за помош во ковид-кризата.

Ете, требаше да се стаса до четвртиот пакет, па владата да се сети дека во државата постојат и културни творци и работници што не се институционално врзани за некоја фирма или културна институција. Таа успеа да изброи 520 самостојни, културни, филмски и естрадни уметници и реши да им подели еднократна помош во форма на картичка со вредност од 6.000 денари.

Не навлегувам тука во помошта од сто евра. На октроираните пари не им се гледа во забите. Иако читателот е доволно информиран и самиот да го разбере нивото на помошта, сепак еве ќе бидеме беневолентни и ќе кажеме дека државниот буџет сепак не е ќуп без дно, особено во околности кога горната граница на јавниот долг е веќе достигната, а владата не е златна рипка да исполнува нечии желби.

Сепак, прашање е дали владата можеше да смисли малку покреативни нефинансиски мерки, со кои на уметниците и на културните работници ќе им овозможеше да си ја вршат својата работа, а на нивните консументи да ги задоволат своите културни потреби. Нешто како што направија споменатите ВИС „Тркалезна маса“!

Добрата работа е во тоа што владата, во време на криза, вака-така, се сети на живата култура. Иако клучната поента е изоставена – најголемиот број кризи, всушност, настануваат затоа што културата е толку драматично маргинализирана и изместена од јавниот простор и секојдневието.

Културата, навикната на вонредните околности на својата современа положба, во време на криза е единствената што може да понуди одговори што другите ниту ги даваат, ниту се способни да понудат рационални решенија.

Целата колумна на Ѕвездан Георгиевски на „Призма“ на следниот линк.

Back to top button
Close