„Стоилковиќ отворено работи за кинеска и руска агенда – директен удар врз стратешките интереси на Македонија“, вели Кузеска

Портпаролката на СДСМ и членка на Извршниот одбор, Богданка Кузеска, на денешната прес-конференција обвини дека вицепремиерот Иван Стоилковиќ води политика што, според неа, е во служба на кинески и руски интереси и претставува директен удар врз стратешките интереси на државата.

Кузеска истакна дека Стоилковиќ, кого го нарече еден од најблиските соработници на премиерот Христијан Мицкоски, јавно повикува на стратешка соработка со Кина, што според СДСМ е спротивно на евроатлантските определби на Македонија.

Во обраќањето таа посочи дека, како што рече, активностите поврзани со поддршката за српскиот претседател Александар Вучиќ, средбите со Милош Вучевиќ и патувањето во Кина заедно со делегација на Српската напредна странка имаат цел да го блокираат европскиот пат на Македонија.

Кузеска се осврна и на кредитот од една милијарда евра, за кој рече дека бил земен преку унгарскиот премиер Виктор Орбан, оценувајќи дека јавноста нема јасна информација како биле потрошени средствата.

Според СДСМ, новиот стратешки документ на Стејт департментот јасно укажува дека Кина и Русија се фактори кои настојуваат да го прошират своето влијание на Западен Балкан преку нестабилност и корупција.

Кузеска порача дека Македонија заслужува европска иднина, а не, како што рече, да биде заложник на туѓи интереси и авторитарни влијанија.

Back to top button
Close