Стоилковиќ проговори за криминал, ДУИ за Метохија

ДУИ објави видео во кое презентираше ланска вест објавна на веб-страницата на Министерството за меѓуетнички односи раководено од вицепремиерот Иван Стоилковиќ, каде тој Косово го именува како Косово и Метохија.

Посочената вест е од август минатата година, а се однесува на тогашна посета на вицепремиерот Стоилковиќ на спортски камп во Белград, каде учествувале и деца од Македонија на возраст од 12 до 15 години. Набројувајќи од кои други земји имало учесници во спортскиот камп, во веста се наведува и Косово и Метохија.

„Срам и понижување за Вреди – од Ветевендосје (косовското Движење Самоопределување, н.з.) завршија во „Косово и Метохија“, реагираше ДУИ.

Оттаму посочуваат дека вицепремиерот за меѓуетнички односи и партнер на Вреди во владата, Косово го нарекува „Косово и Метохија“ – термин што го користи Србија за да ја негира независноста на државата Косово!

„Значи, тие што се кандидираа на избори фалејќи се со поддршка на политичка партија на Косово, денес го прифаќаат и го користат јазикот на Белград! Ова е врв на нивната политичка деградација и следно понижување за Вреди. Ова не е само навреда за Косово, туку и срамно предавство на Албанците кои Вреди ги измами за да ги добијат нивните гласови. Денес сите гледаат како нивната сомнителна кауза завршува во пазувите на српската пропаганда, докажувајќи уште еднаш дека тие се само алатки на надворешната политика, а не достојни претставници на Албанците во оваа земја!“, се вели во реакцијата на ДУИ.

Македонија го призна Косово во 2008 година, (во мандат на влада на ВМРО-ДПМНЕ) по неколку месеци откако таа држава прогласи независност, а непосредно по завршената демаркација на македонско-косовската граница. Двете соседни држави градат пријателски и добрососедски односи и соработка во повеќе сфери.

„Не се обидуваме да го претвориме во Албанец“

Од коалицијата Вреди возвратија на обвинувањата од Мала Речица.

„ДУИ уште еднаш докажа дека е мајстор за манипулации и ниски клевети, во очајнички обид да го оттргне вниманието од сопствените неуспеси“, одговорија од Вреди.

„Вреди е, и останува силно на страната на албанските национални интереси, секогаш бранејќи го правото на Република Косово како независна и суверена држава. Обидите на Вреди да ѝ се припишат непостоечки ставови – се залудни и неосновани. Вреди не негира дека Иван Стоилковиќ е претставник на Србите, тој е нивен претставник и ние не се обидуваме да го претвориме во Албанец, а уште помалку да го натераме да размислува како Албанец. Но, разликата меѓу нас и ДУИ е дека тие самоиницијативно останаа дел од Отворен Балкан, иницијатива која никогаш не ја призна Република Косово“, се наведува во соопштението од Вреди.

Оттаму потсетуваат и дека првата средба на премиерот Христијан Мицкоски била со косовскиот премиер Албин Курти, а од ДУИ побараа да си ја преиспита нејзината позиционираност во однос на националните интереси.

„За оние кои не знаат, но треба да знаат: Вреди не прифаќа, ниту пак користи терминологија што го нарушува суверенитетот и територијалниот интегритет на Косово. Наместо да ги клевети другите, би било добро ДУИ да се погледе себеси во огледало и да ја разгледа нивната сомнителна позиционираност во однос на националните интереси. Вреди останува верна на своите принципи и е посветена на искрена и чесна меѓуалбанска соработка, отфрлајќи секаква форма на компромис на штета на албанскиот народ. Албанците се свесни кој достоинствено ги застапува, а кој им служи на лични и партиски интереси“, наведоа од Вреди.

 

Сектор, Секретаријат, Министерство…

Стоилковиќ е често присутен во наративот на ДУИ кога сака да се пресмета со Вреди, и да ги претстави како „нелегитимни”, „недоволно Албанци” или алатка на туѓа пропаганда.

На Мала Речица не ѝ се допадна именувањето на Стоилковиќ на позицијата што во претходната влада ја имаше Артан Груби, а со која во целиот изминат период доминантно раководеа кадри на ДУИ. Оттаму критикуваа дека сега „Охридскиот договор му е даден на Србин со путинистички убедувања“.

Вистината е дека од 2019 година овој ресор не е задолжен за спроведување Охридскиот договор. Неговиот историјат почнува од април 2004 година, кога со одлука на Владата е формиран Сектор за спроведување на Охридскиот рамковен договор. Во меѓувреме, со измени и дополнувања на Законот за влада, тој сектор е трансформиран во Секретаријат за спроведување на Рамковниот договор и почна да функционира од јануари 2008 година. Во почетокот на 2019 година, тогашниот парламентарен состав со двотретинско мнозинство ги изгласа измените на Законот за организација и работа на органите на државната управа, со кој Секретаријатот прерасна во Министерство за политички систем и односи меѓу заедниците. Со последните законски измени е Министерство за односи меѓу заедниците.

 

Трошење имало, попис немало

Стоилковиќ, пак, набрзо откри каква грижа се посветувала на заедниците, отсликана и преку вработувањето кадри во тоа Министерство. Според официјалните податоци за етничката структура на вработените, 56% биле Албанци, 33% Македонци и 1% од други заедници. Но, увидот во документацијата покажал дека од вкупно 294 вработени, всушност само 5 биле Македонци. Наводниот процент на Македонци се должи на 99 лица кои се декларирале како Македонци, а биле припадници на албанската етничка заедница.

Последните обвинувања од ДУИ коинцидираат и со период во кој Стоилковиќ сподели дел од наодите за трошоците во Министерството – детектиран недостиг на околу 40.000 евра во касата од каде што се црпеле пари без никакво покритие, делење К-15 и на лица кои не оделе на работа, сметки за потрошени околу 20.000 евра само за набавки од две ќебапчилници, секојдневни огромни сметки за кафани и кафулиња, а сето тоа – само како врв на ледениот брег.

Деновиве Стоилковиќ во интервју изјави и дека во Министерството не останале ни оние спортски реквизити со кои министрите на ДУИ се релаксираа играјќи фудбал во државните простории, и самите потоа објавија видео за тоа.

„Нема ни голче, ни кош, ни фудбал, ни баскет, ни филџани, ни чаши, ни кафе, ни апарати за кафе, дури ни телефонски апарати (фиксни)… Попис не е направен никогаш во Министерството. Јас не знам која институција во државата ги прифаќала завршните сметки на Министерството, бидејќи кога поднесувате завршна сметка мора да поднесете и пописна листа“, изјави Стоилковиќ во „Наткаст“ на Курир.мк.

Во овој контекст, покрај пријавите кои веќе биле доставени до надлежните институции, тој најави дека ќе има уште кривични пријави.

 

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close