Стоклунд: Со ЕЕС ќе спречиме терористи и мигранти илегално да влегуваат во Шенген зоната
Мораме да направиме се што можеме за да спречиме терористите и нерегуларните мигранти илегално да влегуваат во Шенген зоната, порача данскиот министер за имиграција и интеграција Расмус Стоклунд по повод денешниот старт на имплементацијата на новиот електронски Систем за влез/излез на надворешните граници на Шенген зоната.
– Од клучно значење е да одржуваме ефикасна контрола врз државјаните на трети земји што влегуваат во Шенген зоната, за да можеме да ја зајакнеме безбедноста на надворешните граници. Со ЕЕС системот ќе стане полесно да се следи кој ги преминува нашите граници, порача Стоклунд, чија земја е актуелен претседавач со Советот на ЕУ.
ЕЕС системот, кој од денеска е оперативен во 29 европски земји – сите членки на ЕУ, без Ирска и Кипар, и плус Исланд, Норвешка и Швајцарија, се очекува да ја зајакне безбедноста на границите и да ја зголеми ефикасноста за патниците при минување преку граничните контроли.
Со новиот систем дигитално ќе бидат евидентирани секој влез и излез на државјаните од трети земји кои не се дел од ЕУ во членките на Шенген зоната, при што од нив ќе бидат земани податоците од пасошот и отпечатоци од прсти и ќе бидат фотографирани при првото минување на границата по стапувањето во сила на ЕЕС.
Преку дигитално регистрираните пасошки и биометриските податоци, EEС ќе нуди информации во реално време за тоа дали лицата кои ја минуваат границата го почитувале дозволениот период на престој во Шенген зоната без виза до 90 дена и ќе помогне за значително намалување на измамите со идентитетот.
EEС ќе биде воведуван постепено на одредени гранични премини и со помалку функционалности во наредните шест месеци, по што треба да стане целосно оперативен од 10 април 2026 година на сите гранични контролни пунктови на копнените премини, аеродромите и пристаништа.