Стопанската комора ја поздравува одлуката на Пендаровски да го свика Советот за безбедност

Денешниот состанок на Советот за безбедност е уште еден чекор во градењето национален консензус за поддршка на бизнисот, смета претседателот на Стопанската комора на Северна Македонија Бранко Азески.

Според Азески, енормниот раст на цената на струјата, но и на останатите енергенси како клучна компонента во производствената цена, е топ приоритетно прашање за бизнис секторот. Тоа прашање, потсетува Азески, е отворено уште од септември 2021 година од страна на Комората и веќе одреден период нема компанија која не го става во приоритетните проблеми за кои се бара итно решавање.

 

-Минатата недела конечно се случи потребното свртување на надлежните органи кон справувањето со ова важно прашање. Владата максимално се ангажира за поддршка на компаниите. Во Комората се одржа важна средба со ЕВН за проблемите за инсталирање фотоволтаични централи. Во понеделник во Комората ќе дојде раководството на ВМРО-ДПМНЕ со нивните градоначалници на средба со компаниите, исто така со намера да помогнат околу разрешување на овие проблеми. Во таа насока се и дел од договорените одлуки вчера во Софија во рамки на официјалната посета на премиерот Димитар Ковачевски, наведува Азески.

 

Тој потсетува дека во Софија вчера на средбата на премиерот Димитар Ковачевски и неговиот бугарски колега Галаб Донев е договорено Бугарија да испорачува 200 мегават-часа струја од почетокот на октомври до крајот на март идната година по поевтина цена за стопанството, за да се ублажи енергетската криза во Северна Македонија, со што ќе се обезбеди непречено снабдување со струја за индустријата, што е едно од клучните барања на Стопанската комора на Северна Македонија.

 

-Договорено е заедно со Бугарија (која е земја извозник на електрична енергија, благодарение на капацитетите што ги има особено електрична енергија произведена од нуклеарна централа) да се формира веднаш во среда работна група составена од министерствата за економија на нашата држава, Министерството за енергетика на Бугарија, како и ЕСМ и другите компании во рамки на Бугарија и на која ќе се разговара за техничките параметри во однос на капацитетите и транспортот на електрична енергија за снабдување со количини во износ од 200 мегават-часа струја за потребите на Северна Македонија заклучно со март, следната година. И денешниот состанок на Советот за безбедност е уште еден чекор во градењето на национален консензус за поддршка на бизнисот кој е основата на која почиваат сите други работи во државата и плус тоа, тоа е единственото врзно ткиво во сите поделби кај нас и во регионот. Не знам дали е ова доволно јасно, но не би се осмелил да го проверувам затоа што реалноста може да биде многу сурова и да нема враќање назад, нагласува Азески.

 

 

 

Back to top button
Close