Стопанската комора изрази жалење за пожарот во „Макпрогрес“ – презема активности за целосно нормализирање на состојбата.
Вчеравечер околу 19:20 часот претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, бил информиран од сопственикот на „Макпрогрес“ Виница, Глигор Цветанов, дека во фабриката избувнал голем пожар. Веднаш била алармирана Владата, премиерот, како и вицепремиерот и министерот за транспорт, кои дале наредби за преземање мерки за спасување на фабричките капацитети.
И покрај интензивните напори, мора да се констатира дека три клучни погони се целосно уништени. Стопанската комора соопшти дека жали за оваа трагедија, која ќе остави длабоки последици врз работењето на една од најуспешните извозни компании во земјава, познатата „Макпрогрес“ Виница – препознатлива по брендот „Винчини“.
Фабриката „Макпрогрес“ е основана пред 35 години, односно во 1990 година и е една од водечките производители во кондиторско-пекарската индустрија во земјава. Најголем дел, односно 75 проценти од нејзиното производство, е наменето за извоз, а производите се извезуваат во 45 држави.
Објави од загрижени граѓани има и на социјалните мрежи, кои велат дека пожарот е вистинска трагедија бидејќи станува збор за фабрика која вработува голем број жители на Виница.
Пожарот во фабриката, како што информираше синоќа Центарот за управување со кризи, бил пријавен во 18:40 часот преку единствениот број за итни случаи – 112.
Комората потсетува дека „Макпрогрес“ е нивна истакната членка, која со своите активности предничи во деловниот живот, а нејзините сопственици отсекогаш биле активно вклучени и во раководството на Комората. Во гаснењето на пожарот свој придонес дале и други компании – членки на Комората, кои ги ставиле своите капацитети на располагање.
Екипа на Стопанската комора е присутна на лице место од моментот на избувнувањето на пожарот и заедно со сопствениците ќе формира кризен штаб. Воедно, Комората најави дека презема активности за целосно нормализирање на состојбата.