Стопанската комора пред Уставен ја оспори „недела – ден за одмор“

Стопанската комора пред Уставниот суд ги оспорила законските измени на Законот за работни односи со кои се воведе правилото дека недела е ден за одмор односно неработна.

Од Комората го оспориле законот бидејќи сметаат дека е спротивен на слободата и пазарот на претприемништво.

„Подносителот го оспорува Законот за изменување и дополнување на Закон за работни односи објавен во ’Службен весник на РСМ‘ бр. 288/21, како спротивен на слободата и пазарот на претприемништво, темелните вредности и еднаквоста на граѓаните. Оспорениот закон се однесува на уредување на работата во недела“,соопштија од Уставниот суд.

Недела како неработен ден стапи на сила од 1 јануари годинава, откако претходно пратениците во Собранието ги изгласаа законските измени на 20 декември 2021.

Законот предвидува дека недела е ден за одмор за 92 отсто од работниците во земјава. Исклучок има за оние работни места каде не може да се прекине работниот процес односно за околу 8 отсто од работници.

Новите законски измени предвидуваат оние кои работат во недела да земаат додаток на плата од најмалку 50 отсто за секој час поминат на работа доколку со Закон или колективен договор не е утврден повисок износ. Исто така, предвидено е да користат и слободен ден во наредните седум дена.

Back to top button
Close