Стотици средношколци што учат во прилеп од други општини,не одат во училиште – немаат превоз

Стотици средношколци од општините Долнени, Крушево и Кривогаштани кои учат во Прилеп се спречени да одат на училиште зашто не им е организиран задолжителниот бесплатен училиштен превоз. Обврската е на Општина Прилеп, каде што овие ученици се запишани во средните училишта, а постапката за избор на превозник била обжалена.

Додека траат формалните процедури, кои не се завршија навреме, учениците отсуствуваат од настава и имаат пропусти во учењето, а некои патуваат на сопствен трошок. Родителите се револтирани и доколку ситуацијата итно не се среди, не ја исклучуваат можноста да излезат на протести пред општинската зграда во Прилеп.

 

Родителите размислуваат да протестираат

– Само од општина Долнени има 600 средношколци кои воопшто не се отидени во училиште. Стравуваме дека проблемот ќе се одолжи и нема да одат цело прво тромесечје. Ова е срамота. Како ќе ги оценат децата? Има ученици кои се одлични и сега се исплашени дека ова ќе им се одрази врз знаењето, успехот, а понатаму и врз запишувањето на факултет. Требаше да обезбедат превоз додека траеше летниот распуст, а не сега – велат родители на ученици од Долнени.

Градоначалникот на Општина Долнени, Урим Ибески, потврдува дека средношколците се оставени без школски превоз, но дека законски тие не се обврзани да го организираат, туку Општината каде што се сместени средните училишта во кои се запишани учениците.

И од Општина Крушево потврдија дека се соочуваат со истиот проблем и дека дел од учениците одат на настава на сопствен трошок, а други чекаат бесплатен превоз.

Тендерот за превоз обжален

Градоначалникот на Општина Прилеп, Борче Јовчески, ни одговори дека постапката за избор на превозник се одолжила зашто објавениот тендер бил обжален. По ова чекале Државната комисија за жалби по јавни набавки да донесе одлука, која стигнала деновиве. Оптимисти се дека од понеделник ќе тргне бесплатниот превоз за учениците.

– Имавме тендерска постапка која ја обжалуваа и дури во понеделникот, односно на 29 септември, од Комисијата за жалби добивме насоки како да се постапи, да не се поништи тендерот, туку да се направи евалуација. До 3 октомври најдоцна треба да се испратат корекциите за постапката да биде завршена. Две-три недели ја очекувавме одлуката од Комисијата за жалби и сега се надеваме дека од понеделник ќе се среди работата и учениците ќе имаат превоз – рече Јовчески.

Превоз да вршат јавните претпријатија, а приватниците само да дополнуваат

Доколку проблемот не се реши, ќе премине на следниот градоначалник на Прилеп зашто досегашниот е во заминување и не е на листата со кандидати за претстојните локални избори во 2025 година. За време на неговиот мандат тенденција беше превозот на учениците да го преземат јавните претпријатија во Прилеп, а приватниците само да дополнуваат.

– Тоа е редовен превоз каде што не треба да се мешаат приватни компании. Ние обезбедивме и возила, сакаме на некој начин да не постои„урбана мафија“. Превозот треба да биде во интерес на Општината и наши јавни претпријатија да ни излезат во пресрет. На тендерот имаа право да учествуваат и тие и приватни фирми, но најголемиот дел да го сноси јавното претпријатие за превоз. Приватните превозници го обжалуваат тендерот зашто години наназад сакаа најголемиот дел тие да го извршуваат – рече Јовчески.

На учениците низ државата кои живеат далеку од училиштата со години им следува бесплатен училиштен превоз, за кој досега имало многу примери дека започнувал со задоцнување, па дел од трошоците ги покривале родителите. Во некои од општините годинава се побара средношколците од други места на живеење прво да се пријават во ученичкиот дом, па само доколку бидат одбиени таму, тогаш да добијат право на бесплатен превоз (nezavisen.mk)

Back to top button
Close