Странец се обидува да го подобри квалитетот на воздухот во Скопје

Без правилник за квалитет на цврсти горива, без листа со приоритетни објекти за замена на греењето, без ограничување на користењето влажни дрва, но со субвенции и кампања на социјалните мрежи македонските власти на различни нивоа се борат против аерозагадувањето. Владата во својата програма ветуваше дека до 2024 година ниту една државна институција нема да се грее на стари и нееколошки системи за греење.

Македонските власти немаат донесено правилник за регулирање на квалитетот на цврстите горива, открива директорот на Државниот инспекторат за животна средина. Тој правилник е значаен за намалување на аерозагадувањето.

„Не е донесен правилникот за квалитетот на цврсти горива, како што се дрвата и јагленот и има проблем околу оние кои на пазарот пласираат цврсти горива. Тој правилник треба да се донесе, кадешто ќе се регулира квалитетот на цврстите горива, како истите не би дополнително придонесувале за загадување на амбиенталниот воздух“, вели Сретен Стојковски, директор на Државниот инспекторат за животна средина.

Во една од најзагадените скопски општини – Аеродром, повикувајќи се на истражување од пред скоро деценија, нѐ информираа дека дрвата се главен енергенс за загревање во куќите во општината.

„Општина Аеродром во периодот од 2010 до 2015 година периодично во зимскиот период, односно периодот на грејната сезона, спроведуваше анкета во индивидуалните станбени објекти (куќи) во населба Горно Лисиче, населба Лисиче и село Долно Лисиче, од која се заклучи дека 80 проценти од домовите користат дрва како средство за греење“, велат од општина Аеродром.

Не била можна контрола на продажбата на огревни дрва

Користењето на влажни дрва создава повеќе чад, повеќе штетни честички, а ги оштетува и оџаците. Министерството за животна средина препорачува да не се користат дрва кои не се шест месеци сушени. Прашавме дали државата, за да спречи загадување од влажни дрва, треба да забрани продажба на огревно дрво секоја година од месец јуни и зошто тоа досега не е направено?

Продажбата и видовите на дрва што се продаваат не можеме да ги контролираме, но затоа го едуцираме населението за најсоодветниот вид на дрва за затоплување и од каков квалитет треба да бидат за да загадуваат помалку, велат во Министерството за животна средина и нагласуваат дека затоплувањето на домовите е детектирано како еден од најголемите загадувачи во зимскиот период“.

Преку кампања наречена „Топли препораки“ се информираат граѓаните „за тоа како се одразува начинот на затоплување врз нивното здравје и врз здравјето на најблиските. Горењето на влажни дрва, пластика, обработено дрво, масла и слично влијае не само врз квалитетот на амбиенталниот воздух, туку и на воздухот во домовите, што директно го дишат сопствениците“, велат во Министерството.

Институции се греат на нафта, мазут и дрва

Додека населението преку социјални мрежи се едуцира да не се грее на влажни дрва и да купува енергетски ефикасни печки: значителен број од јавните институции користат системи за греење, кои како гориво користат екстра лесно масло за горење (нафта) и дрва, додека одреден број користат мазут (главно здравствени установи) како гориво за греење. Јагленот како гориво е незначително застапен“, информираат од Министерството.

Тоа е спротивно на ветувањата на Владата дека до 2024 година ниту една државна институција нема да се грее на стари и нееколошки системи за греење.

Одреден број институции користат природен гас за загревање. Исто така, постојат институции, но не во голем број, кои користат пелети како гориво за загревање, како и електрична енергија“, додаваат од Министерството за животна средина. „Со оглед на тоа што замената на еден систем на греење со друг е процес во неколку фази – проект, проценка на трошоци, обезбедување финансиски средства, реализација, МЖСПП е на мислење дека операционализацијата на замената на системите за греење треба да биде долгорочен процес, во кој по приоретизација треба секоја година да се направи избор на објекти, кај кои би се извршила замената“.

Во Холандија не се субвенционираат дрва, туку струја

Холанѓанецот Александер Долстра, кој пред скоро четири години одбрал да живее во Скопје и преку лична иницијатива се обидува да ги открие изворите на загадување во главниот град, оценува дека државните објекти придонесуваат во аерозагадувањето.

„Голем проблем се школите и болниците што сѐ уште се греат на мазут и коишто треба да се модернизираат“, нагласува Долстра.

Тој се противи на субвенционирање дрва, како што има во општина Кисела Вода, што според него е популистичка мерка и не е долгорочна визија за справување со аерозагадувањето. Според Долстра, властите и на државно и на локално ниво не работат на некаква долгорочна визија за решавање на проблемите на граѓаните.

„Една третина од Македонците живеат под граница на сиромаштија. Тие луѓе треба да се помагаат. Кај нас во Холандија субвенционираат струја. Апсолутно никогаш не субвенционираат греење на дрва. Тоа е нешто што навистина долгорочно не е паметно да се направи. Долгорочно паметно да се направи е да ги помагаме тие што немаат во моментот, да се инсталираат инвертори, да ги помагаме со покривање на трошоци и сите да живееме во почиста околина“, вели Александер Долстра.

Поради административни пречки, во 2022 година Долстра останал во загаденото Скопје. Тоа го натерало да се бори против аерозагадувањето.

„Јас нормално кога почнува загадувањето излегувам од земјата. И, почнав лично да се нервирам и го почнав проектот. Искрено да Ви кажам тоа беше од нервоза, од неубаво. Се јајвив кај некои пријатели, коишто имаат фирми тука и заедно собравме пари. Ги купивме сензорите и јас почнав да ги ставам. Така почна. Без некоја визија, без некоја идеја – искрено да Ви кажам, туку само од нервоза што немаше мерни станици, што немавме доказ од каде потекнува загадувањето и така сѐ почна“, објаснува Александер Долстра.

Со сензори, апликација и волја на граѓаните во борба со аерозагадувачите

По неколку месеци Александер и неговата сопруга Ива, со помош на студенти, создадоа софтвер и вебапликација наречена Breathe.mk, преку која ќе се пријавува загадување до градскиот инспекторат со внесување на местото и фотографија од загадувањето. Поради вклученоста на градски инспектори, пред нејзиното пуштање таа треба да го помине одобрението во Советот на Град Скопје. Но, таа процедура трае со месеци и сѐ уште не е завршена.

„Ние со нашите пари, со парите од нашите другари, коишто нас не поддржуваат, правиме форма на промена. А, тоа е лично. Никој од Владата, никој од град, никој од општина нас не нѐ помага“, објаснува Александер Долстра.

„Финансиски не сме поддржани од никого. Исклучиво со лични средства и со средства од холандски компании“, додава Ива Долстра, сопственичка на ИТ компанија.

Тие планираат оваа година градот да има околу 220 уреди, а низ земјата вкупно 340. Имало и незаинтересирани за нивната намера да се откријат изорите на загадување.

„Нѐ игнорираат. Одевме на состанок во Кисела Вода, одевме во Аеродром. Во Аеродром и во Советот е поминато и кога требаше да се потпише, да се достави, нѐ игнорираат“, вели Александер Долстра, додавајќи дека немаат одговор зошто е тоа така: „Јас многу пати сум се јавил, сум пробал и преку врски да дојдам до градоначалникот…“

На забелешката дека тоа е една од најзагадените општини, неговата сопруга додава: „Точно. Најверојатно не сакаат да го решат проблемот. Не сакаат да се утрврди од каде точно доаѓа загадувањето. Бидејќи ние ги купивме сензорите, ние ги донесовме од Холандија, ние сами ги монтираме. Цело лето, додека сите беа на одмори, ние местевме сензори“.

Тие тврдат дека откако ставиле мерна станица кај Цементара раководството на фирмата станало свесно дека некој го контролира воздухот и мерните станици почнале да покажуваат за 30 проценти помало аерозагадување.

„Да. И повеќе. И тоа е вистина. Тоа е вистина. Прифатиле, ставиле нови филтри, ни дадоа пристап секој ден – 24 часа имавме пристап да одиме кај Усје, да разгледаме дали има таму некој проблем. Треба и да се прави муабет. А, не само Усје е криво, или Железара е крива или Дрисла е крива. Прави прво муабет. За карање имаме време“, вели Холанѓанецот Александер Долстра.

Корупцијата, немање желба и ловење политички поени на краток рок

Тој не може да разбере зошто се трошат пари на некои автопати, наместо да се вложат во еколошко греење.

„Не работат на подобрување на квалитет на живот за граѓаните. Тоа многу ми е жално. Мене навистина тоа ме погодува во срце, бидејќи знам навистина од 43 години што сум живеел надвор од Македонија кога државата ќе се потруди за граѓаните, станува многу поубав квалитетот на живот. И ние во Холандија имаме проблеми, ама заедно ги средуваме“, вели Александер Долстра. „Диркен Коп, наш амбасадор од Холандија, е единствен човек што толку гласно и толку јасно кажува што е проблемот. Не е проблемот граѓаните, не е проблем нешто друго, туку нема желба. Ако нема соработка, а соработката е мито или некоја пара. Ако не земам пари, не го правам. Или со притисок, ама надвор од тоа не го прават. И сега они не се замараат, бидејќи таму нема пари. Мислам, вистински таму нема пари. Ако го средам проблемот со чистиот воздух, од каде ќе имам милиони да си набутам во моите џепови?! Мислам, нема таму“, нагласува Долстра.

Истото го забележува и Горјан Јовановски, сопственик на апликацијата AirCare и градски советник од „Зелен хуман град“.

„Сфаќате, има цел комплексен проблем овде, којшто е вмрежен со корупција. Бидејќи јас не верувам дека сите тие се некомпетентни да го решат овој проблем. Јас верувам дека имаме многу паметни луѓе, коишто се поставени на одредени позиции. Едноставно не сакаат. Мислам дека вмрежено во корупцијата е кратковидоста што ја имаат политичарите кај нас. Тоа што јас можам да го видам кај нас, еве и во Советот на Град Скопје и во соработка со другите институции, е колку сме кратковидоста. Гледаме да добиеме поени на краток рок. Каде бевме ние овие десет години да седнеме, да направиме реален план за решавање на загадувањето и да ставиме огромен број на средства, државни буџети во тоа за да покажеме со бројки: видете, стана подобро. Не, стана полошо“, нагласува Горјан Јовановски, градски советник од „Зелен хуман град“.

Аерозагадувањето не се решава со навреди

Она што семејството Долстра може да го забележи на социјалните мрежи, под постовите на тема аерозагадување, е говор на омраза.

„Граѓаните, кога и да се напомене дека поголем дел од загадувањето доаѓа поради горење на дрва, се чувствуваат лично погодени, навредени и нападнати. И затоа сакаме да напоменеме дека е многу битно да не се напаѓаме и да не се чувствуваме навредени. Сите да бидеме дел од решението. Сите да придонесеме некако за да го решиме овој проблем. Бидејќи со напади и со вреѓање нема никаде да стигнеме“, нагласува Ива Долстра.

Во Министерството за животна средина сметаат дека излезот од проблемот е во давање субвенции, нешто што и на централно и на локално ниво се правело таму каде имало најчесто аерозагадување.

„Во неколку наврати во изминативе три-четири години, соодветните министерства, како и дел од локалната самоуправа каде што се детектирани најголеми и начести епизоди на загадувањето на воздухот, доделувани се субвенции како за замена на стари печки, така и за промена на прозорците и за енергетска ефикасност на домовите – замена на кровови, поставување на изолација и слично“.

За Александер Долстра е значајно граѓаните не само да купат нови печки, туку при изборот да внимаваат на ефикасноста на печката, а не само на нејзиниот изглед. Долстра им порачува на граѓаните при купувањето да ги прашуваат продавачите за ефикасноста на печките и да ги споредуваат различните модели, за да направат избор кој на долг рок би им бил исплатлив.

Автори: Александар Методијев, Сузана Мицева

Извор: Нота

Овој текст и документарниот филм „Пази! Видлив воздух“ беа развиени со поддршка на Journalismfund Europe.

Back to top button
Close