Страшна клетва?!
За островот Локрум, до Дубровник се вели дека е проклет. Дење полн е со луѓе ама ноќе нема човек. Секој што ноќта ја има поминато таму, му се има случено голема трагедија! Изгледа клетвата кај нас знае да живее ептен долго, оти кога Богот на балканецот му го даде мозокот, тој не даде и упатство за негова употреба!
Пред неколку години патувајќи за Сараево, свративме во тажната Сребреница. Го посетивме „Меморијалниот центар Поточари“ и „Споменикот на невини жртви“. Последниот во облик на планетата земја и деца фатени во оро, некако не се вклопуво во симболиката на направениот масакар! Кого да го прашате за таквата умноболна трагедија првите зборови ќе му беа солзите, а последните клетвите. А клетвите си имаат гнездо на Балканот. Тука тешко се сфаќa дека логиката око за око доведува до тоа сите да станат слепи.
Луѓето добро се сеќаваат на заканите од тогашниот млад портпарол на партијата на Шешељ, Александар Вучиќ, кој на 20 јули 1994 јавно изјави: „За еден Србин ќе убиеме сто муслимани“! Точно по една година на ист датум се случи невиден масакар во Сребреница! Oчигледно дека тука во Балканот живеат луѓе отпорни на толеранција и кои се плашат да станат нормални.
Таков дух пак претендира да се реинкарнира во Србија. Се засилуваат заканите по БиХ, по Косово и Црна Гора, а Македонија очекуваат да им оди сама на тацна. Таков проект подолг период се пече во Москва. Познато е дека Русија има долго искуство во промовирањето автократија и насилство. Од Сталин до Путин, руската чизма има газено по Унгарија, Чешкословачка, Полска, Чеченија, Јужна Осетија, Грузија (Абхазија), Приднестровје и конечно Украина. А цело време намигнува на Балканот и онака талентиран за историја, минато и зло. Таа држава насекаде гази по туѓа надеж за да ја зголеми својата незаситеност. Ивана Страднер, од Фондација за одбрана на демократиите, со седиште во Вашингтон, не гледа разлика меѓу власта на Вучиќ кој се декларира за ЕУ и руската власт декларирана за Северна Кореа. Таа е убедена дека Кремљ го поддржува Вучиќ „затоа што него полесно може да го контролира“. Цената негова е власт. Интересно што заблагодарението од пред некој ден на Вучиќ до Лавров наликувал и како „извинување“ и како „додворубање“!
Но, играта е поперфидна. Рускиот филозоф Александар Дугин, кој се смета за близок соработник на режимот на Путин, кажа дека Вучиќ го изгубил легитимитетот. „Сите Срби сакаат Вучиќ да си оди. Тој е минато и неговиот легитимитет е исчезнат“ – рече Дугин. Но, Вучиќ, во последните месеци тврди дека „ја победил обоената револуција“.
Тој сè уште одбива да ги исполни барањата од студентите, чии протести сега добиваат нова содржина. Кремљ го користи тоа секој пат кога му треба некој од десницата да каже нешто што можеби му е на ум на Кремљ. Кога Лавров не може да каже нешто официјално, тој го ангажира Дугин кој ќе го каже тоа пред медиуми контролирани од Кремљ.
Москва не сака демократски настроена влада во Србија оти самата не е таква. Меѓусебни пофалби од Москва и Белград дојдоа на денот кога низ цела Србија беа организирани масовни улични блокади како чин на граѓанска непослушност. Но, студентите на протестот одржан на Видовден мислат дека Вучиќ треба да си замине. „Сите Срби го сакаат тоа“, изјави Дугин за Спутник. Но, изгледа пораките од Русија засега имаат повеќе симболично отколку конкретно политичко значење, ама сепак него би го задржале додека не се најде некој друг повеќе верен на Москва.
А ЕУ цело време размислува кого да поддржи Вучиќ и продолжува да биде резервирана во однос на протестите што траат со месеци, оти Русија би можела дополнително да го зајакне верувањето кај дел од својата јавност дека Москва, а не Брисел, е поподготвена да застане зад „волјата на народот“. Ова би можело да отвори простор за раст на проруските чувства дури и кај оние Срби кои традиционално се ориентирани кон европските вредности. Иако Србија формално е на европскиот пат, нејзиното одбивање да се придружи на санкциите на ЕУ против Русија и нејзините континуирани политички гестови на блискост со Москва дополнително ги комплицираат односите со Западот.
Поради овој балансирачки чин, кој ЕУ го толкува како недостаток на стратешка посветеност, на Брисел му е сè потешко да ја толерира политиката на Вучиќ, особено ако продолжат репресиите врз демонстрантите и падот на демократските стандарди. Јасно е дека Западниот Балкан останува стратегиска област и за ЕУ и за Русија, и се поставува прашањето дали Унијата ќе го заостри својот став за актуелните случувања во Белград со цел да зачува принципи, но и влијание во регионот. Но, позицијата на Вучиќ на границата меѓу Москва и Брисел станува сè потешка, а евентуалниот зголемен притисок од ЕУ, лесно може тој да сврти комплет кон Москва. Познатиот аналитичар Милан Младеновиќ известува дека Дугин се смета за личност која многу често кажува работи што ги мисли рускиот режим. Но. Дугин е на многу поекстремни позиции од власта, па затоа е неизвесно до кој степен неговите ставови ќе бидат одразени во поконкретни потези на Москва, што би можело да ја наведе ЕУ да направи позначајни ревизии во својата политика кон Србија – вели тој.
Поранешниот дипломат Душко Лопандиќ истакнува дека Вучиќ во ЕУ се смета за автократ, но во пракса тој е прагматичен и прозападен, подготвен да склучува договори важни за ЕУ, како што е дијалогот за Косово или трансакциски договори како што се „Рафал“, литиум, оружје за Украина и слично. Затоа, тие го гледаат како прозападен Лукашенко кој никогаш реално нема да ги исполни демократските реформи потребни за Србија да се приклучи на ЕУ, но кој нема во целост да биде врзан за Москва.
Лопандиќ смета дека ЕУ би можела да ги заостри односите со Вучиќ ако тој дополнително ја радикализира својата „спин диктатура“, која, според него, веќе се забележува. Ова, додава тој, би можело да доведе до губење на средствата од ЕУ и прекин на симулацијата на преговорите за членство на Србија во Унијата. Тука потребни се многу лопати за да погребува вистината или да ја ископуваат лагата!
Факт дека Русија сака зацврстување на односите со постојниот режим на Вучиќ од прагматични причини. Иако Србија се претставува како неутрална, сепак нејзината армија сè уште значително повеќе соработува со НАТО отколку со Русија. Но, Вучиќ ја изгуби шансата да го копира Еди Рама и неговиот стил на владеење, што направи Албанија да се приближи кон ЕУ, бидејќи Албанија е во НАТО. Рама е некако потолерантен кон слободните медиуми и независното судство.
Турбо воинствени радикали
Последниве месеци на сцената се појавуваат имиња од руско-српското подземје: Иво Ломпар, промотор на книгата на злосторникот Радован Караџиќ, кој зборуваше со ултрашовинистички тон кон соседите. Ги спомена Косово, Црна Гора, Република Српска и Србите во Северна Македонија. Бара поголем ангажман за остварување на српскиот свет (Велика Србија), додека Вучиќ е обвинет дека „не успеал да го вратил Косово во српското јадро“!
Александар Дугин, идеологот на Путин претендира Србија да го смени Вучиќ и руските тајни служби да ја преземат контролата врз ситуацијата на Балканот. Вучиќ е паднат на испит во Банско, и вината се бара во недовербата на меѓу него и неговите тајни служби. Дугин се стреми кон поврзување со Истокот и словенскиот свет, оти ако се доцни, во Србија би можел да дојде позападен српски лидер. Затоа, Русија не треба да губи време со вучиќевата Србија опкружена со НАТО. Ама состојбата не е лесно оти се претпоставува дека Вучиќ има над 17.000 лица во паравојска околу себе.
Пред некој ден, Трамп изјави дека не исклучува српски напад врз Косово. Интересно што Трамп го спомена Косово дури три пати на самитот на НАТО и во Белата куќа. Се очекува Трамп да излезе со свој план како го гледа Западниот Балкан. Ова визија може да биде некоја комбинација Трамп-Путин. Трамп е трансакциски претседател, но и прагматичен, па се очекува да стави паралела меѓу Крим и Донбас од една страна и Косово од друга страна. Тоа може да се насети и од бројни руски изјави, во стилот – како што НАТО направи во Балканот, тоа ќе го правиме и ние во Украина.
На Косово глупоста царува. Курти, со својата каприциозност цели 50 пати ја турка на гласање својата поранешна министерка за правда, во позиција председателка на собраниено на Косово, но таа никогаш не собрала потребни гласови и продолжува да се брука. Изгледа и на самиот Курти му се потребни ментален третмани за да продуцира нормалност. Тој продолжува да оради свои соништа уривајки туѓи животи!
Додека руските служби регрутираат екстремни радикали во протестите на студентите. Тие се немоќни. Вучиќ смета дека седум месеци темнина од луѓе кои го зедоа законот во свои раце, уништувајќи ја државата и однесувајќи се како Бог да им ја предал. Но, ние нема да им простиме. Факт е дека има забележително зголемување на тензиите. Постои нервоза во владата да ги смири протестите. Сценарио организирано од Западот, со странски дипломати кои сакаат да ја одвојат од Русија – смета Дугин, кој секое тонење на Вучиќ го смета за руски успех.
Дугин вели дека луѓето во Србија повеќе не го сакаат Вучиќ. Се чини дека се поклонува пред Русите. Но, тие повеќе не му веруваат. На средбите со западњаците, тој вели дека Русите стојат зад протестите за да ја спречат интеграцијата на Србија во западните интеграции.
Студентските претставници велат дека не можат да му забранат на никого да учествува во протестите и да ги носи своите симболи, но сакаме сите проблеми да се решат преку дијалог. Вучиќ вели дека ќе ја заштити државата од терористи и криминалци… Вучиќ е во конфузија. Секој ден менува тактики, но без успех. Алберт ками – премногу си ја сакам мојата нација за бидам националист. Јазикот нема кости ама знае да скрши коски.
Мерсел Биљали