Стратегијата за иднината на европскиот пазар предложи креирање на специјален фонд на ЕУ за процесот на проширувањето

Поранешниот италијански премиер Енрико Лета, кој доби задача од ЕУ да направи извештај за иднината на заедничкиот пазар, предложи креирање на специјаален фонд на ЕУ кој ќе биде користен во процесот на проширувањето со цел да се компензира актуелната нерамнотежа меѓу ЕУ и земјите кандидати за членство.

Фондот “Солидарност за проширување” треба да е опремен со финансиски ресурси за управување со надворешните ефекти и олеснување на непречен процес на проширување. Тоа може да биде витална алатка за поддршка на процесот, се вели во документот на поранешниот италијански премиер.

Со оглед на тоа што некои сектори и земји-членки веројатно ќе бидат повеќе изложени од другите на идните кругови за пристапување во ЕУ, „треба да се калибрира преку соодветен инструмент за финансирање за да ги поддржи и компензира овие нерамнотежи“ се вели во овој извештај кој наскоро ќе се најде на масата на Европскиот совет.

Во докуметот Лета предлага да се дефинираат поконкретни методи на преговарачкиот процес како и прецизна временска агенда.

„Новата стратегија мора да даде приоритет на областите каде што може да се постигне рана подготовка, дозволувајќи им на земјите-кандидатки да ги искористат придобивките од конкретните елементи на единствениот пазар многу пред целосното пристапување, надминувајќи го она што моментално го нудат договорите за асоцијација“, наведува Лета во својот извештај.

Според Лета, сепак, ова ќе треба да биде придружено со „значајни политички елементи“.

Лета вели: „Мора да се најде нијансиран пристап, кој ќе го олесни постепеното, но значително проширување на придобивките од единствениот пазар на земјите-кандидатки, а истовремено ќе ја заштити стабилноста и на нивните економии и на единствениот пазар“.

За тоа, единствениот пазар на ЕУ „мора да остане барем делумно под контрола на бриселските преговарачи за време на процесот пред проширувањето за да се спречи сегашните земји-членки да ја загубат својата најмоќна алатка за договарање“.

Предуслов за земјите-кандидати за ЕУ ​​кои сакаат да се заложат за нивната постепена интеграција во единствениот пазар на блокот мора да биде целосно да се придржуваат до првиот критериум од Копенхаген, таканаречените основи, кои вклучуваат посветеност на демократските вредности и стандарди на ЕУ, како и владеењето на правото.

„Поголема ЕУ, денес како и вчера, е најдобриот инструмент за заштита на европските интереси и просперитет, за почитување на принципите на владеењето на правото и за одбрана на граѓаните на ЕУ од надворешни закани“, вели тој.

Претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел минатата година изјави дека блокот треба да биде подготвен да се прошири до 2030 година, доколку сака да остане „кредибилен“, со што започна дебата за внатрешните реформи што мора да се спроведат пред да се случи тоа.

Борјан Јовановски

Back to top button
Close