Страв ми е да не се најдеме загубени во преводот, вели претседателката за барањето правосудниот испит да се полага на албански
Не може да има една комисија за кандидати Македонци и друга за кандидати Албанци. Тоа е невозможно. Компаративните искуства покажуваат дека тоа може да доведе до опасност“, рече Сиљановска-Давкова
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова смета дека иницијативата правосудниот испит да се полага и на албански јазик отвора сериозни прашања за функционирањето на правниот систем.
Во гостување во емисијата „Клик плус“ на Телевизија 21, таа рече дека ќе се воздржи од конечен став, посочувајќи дека во правото клучни се прецизноста и јасноста на јазикот, бидејќи од нив директно зависи квалитетот на судските одлуки. Според неа, правниот јазик има специфична тежина и бара високо ниво на усогласеност.

Од вечерашното гостување на претседателката Гордана Сиљановска-Давкова на ТВ 21 / Фото: Принтскрин
„Во правото има нешто што се нарекува правен јазик. Мора да има разбирање меѓу судиите, јавните обвинители, адвокатите. Важно е да има прецизност и јасност, бидејќи од тоа зависи квалитетот на пресудата. Многу е невообичаено на национално ниво во судските постапки да има во оптек повеќе јазици“,рече таа.
Таа направи разграничување меѓу домашното и меѓународното судство, посочувајќи дека ако во меѓународните институции употребата на повеќе јазици е стандардна практика, на национално ниво тоа може да создаде дополнителни предизвици.
Во тој контекст, спомена дека на меѓународно ниво се дискутира и за поголема унификација на правниот јазик, со цел избегнување на недоразбирања.
Таа предупреди и на ризиците од евентуално формирање одделни комисии за полагање правосуден испит по јазична основа, оценувајќи дека таквиот пристап е неприфатлив.
„Не може да има една комисија за кандидати Македонци и друга за кандидати Албанци. Тоа е невозможно. Компаративните искуства покажуваат дека тоа може да доведе до опасност“,рече таа.
Осврнувајќи се на законската рамка, претседателката посочи дека покрај Законот за употреба на јазици, постои и Закон за употреба на македонски јазик, кој ја утврдува обврската за негово познавање и користење во институциите.
Посочи дека има разбирање за употребата на службените јазици, но потсети дека судовите имаат уставна можност директно да го применуваат Уставот и да не применат законска одредба доколку ја оценат како неусогласена со највисокиот правен акт.
Преетседателката потсети на уставните гаранции произлезени од Охридскиот рамковен договор, според кои странките во судските постапки имаат право на превод на државен трошок.
Како клучен предизвик, ја посочи можноста од недоразбирања во правниот процес.
„Во кривичната и граѓанската постапка, секоја странка има право на превод на државен трошок. Но, ако постапките, пресудите и иницијативите се на македонски јазик, тогаш за да се донесе релевантна одлука, неопходно е тој јазик да се познава и да се комуницира на него. Мојот страв е да не се најдеме изгубени во преводот“,рече таа.
На 6 април во Скопје се одржа студентски марш на кој се изрази незадоволство поради неспроведувањето на Законот за употреба на јазиците при полагањето на правосудниот испит.
На маршот, студентите бараа правосудниот испит да се полага и на албански јазик.
Студентите побараа оставка од министерот за правда Игор Филков, инсистирајќи на почитување на законските одредби и обезбедување рамноправност.
Во однос на брањата на студентите за полагање на правосудниот испит и на албански јазик, премиерот Христијан Мицкоски вели дека барањата се едно, а Уставот и меѓународните стандарди се нешто сосема друго.
Според него, формирана комисија составена од уставни експерти кои треба да најдат решение во однос на ова прашање кое истовремено ќе биде уставно и согласно меѓународните стандарди.
Потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи вели дека Владата погрешно ја претставува природата на студентските протести етикетирајќи ги како партиски, а ваквите обиди за заблуда, како што вели, не ја одразуваат вистинската грижа на студентите кои се директно поврзани со спроведувањето на постојните права.






