„Street View“ се враќа во Македонија со обемно обновување на снимките низ земјата

– „Гугл стрит вју“ (Google Street View) се враќа во Македонија за обемно обновување на сликите од со поширока покриеност низ целата земја, носејќи нови панорамски погледи на „Гугл мапс“ (Google Maps). Од живите градски плоштади и историските улици на Скопје до спокојните брегови на Охридското Езеро и планинските патишта што ги поврзуваат градовите низ целата земја, „Стрит вју“ повторно ќе го долови еволутивниот пејзаж на Македонија и ќе го направи подостапен за луѓето насекаде.
„Македонија е место каде што богатото културно наследство се среќава со секојдневната урбана преобразба. Историските знаменитости, природните богатства, растечките населби и променливата патна инфраструктура се дел од динамичниот карактер на земјата. Редовното освежување на сликите од ‘Стрит вју’ помага да се осигури дека ‘Гугл мапс’ продолжува да ги одразува овие промени со поголема точност, релевантност и детали. Со ова најново освежување се опфатени околу 13 000 километри низ целата земја, вклучувајќи ги Скопје, Охрид, Битола, Куманово, Прилеп, Тетово, Штип, Велес, Струга, Струмица и други градови. Ажурираните слики ќе ги направат ‘Гугл мапс’ уште покорисни за жителите, бизнисите и посетителите кои секојдневно се потпираат на нив за навигација, планирање патувања и откривање нови места. Новите слики ќе понудат и свеж поглед на контрастите што ја прават Македонија толку препознатлива“, се вели во соопштението.
Надградбата ќе ги опфати современите урбани простори и прометни патишта, историските места како што се Скопската тврдина и Аквадуктот, препознатливите градски знаменитости, вклучувајќи го Камениот мост и Мостот на уметноста, како и природните и културни пејзажи, а меѓу нив и Охридското Езеро што зазема посебно место, како дел светското наследство на УНЕСКО.
„’Стрит вју’ им овозможува на луѓето виртуелно да истражуваат улици, населби и дестинации пред да ги посетат лично. Без разлика дали однапред проверуваат рута, бараат локален бизнис, планираат патување или откриваат обележје, обновените слики ќе помогнат во полесна навигација, посигурно планирање патувања и побогато разбирање на местата низ целата земја“, се додава.
„Гугл“ е посветен на заштита на приватноста на корисниците. Пред објавувањето на собраните слики, се користи напредна технологија за автоматско замаглување на лицата и регистарските таблички на возилата. „Стрит вју“ вклучува функција за барање за замаглување на одредени слики (како што се лица, возила, куќи итн.) со кликнување на опцијата „Пријавување проблем“ (Report a problem) што се наоѓа во долниот десен агол на објавените слики на „Гугл мапс“.
Повеќе информации за Политиката за приватност на „Гугл“ можете да најдете на овој линк. За да ја истражите Македонија во „Стрит вју“, отворете „Гугл мапс“ на компјутер или мобилен уред, пронајдете место што сакате да го посетите и повлечете ја жолтата икона „Пегман (Pegman)“ на сина линија за да влезете во „Стрит вју“. Повеќе информации за „Стрит вју“ се достапни на овој линк.






