Стриминг платформата GLEY ќе бара инвеститори преку Берза
Акционерите на „СВОД МАСТЕР АД“ донесоа одлука да емитуваат иницијална јавна понуда на акции преку Македонската берза заради докапитализација на Друштвото, односно обезбедување капитал за инвестиции во проекти со оригинална продукција.
Првата и единствена македонска стриминг платформа „Глеј“ (GLEY) се подготвува да излезе на берза. Акционерското друштво „СВОД МАСТЕР“, коe управува со стриминг платформата, на Собранието на 22 јануари 2025 година, донесе одлука да емитува иницијална јавна понуда на акции (IPO) преку Македонска берза. Ова ќе биде и првата IPO на домашната берза од компанија, која преку постојано унапредување и развој на дигиталните услуги, ја задржува својата висока конкурентност на пазар кој глобално бележи раст.
Растот на стриминг платформите во светот е рапиден, како и нивниот развој со нови решенија со што постојано привлекуваат нови инвестиции. Излегувањето на GLEY на берзата претставува можност за поддршка на првата и единствена македонска платформа која постојано иновира и покажува растечки потенцијал. Процесот за подготовка на друштвото за котирање на Берзата почна во текот на 2024 година со трансформација на „СВОД МАСТЕР ДОО “ во акционерско друштво.
„Во изминатите, речиси повеќе од три години, преку континуиран раст успеавме да влеземе во повеќе од 80.000 домови, ја обединивме речиси цела македонска филмска и сериска програмска понуда, понудивме многу детски наслови синхронизирани на мајчин јазик и воспоставивме широка покриеност на уреди преку кои може да се пристапи до програмскиот каталог на GLEY, кој брои над 2600 часови програма. При крајот на минатата година, покрај претплатата, воведовме и пакети со реклами кои носат уште една можност за приход. Имаме одлична соработка со двата големи телекомуникациски оператори како дистрибутивни и продажни канали. Спремни сме за новата фаза, инвестиција во наши оригинали, програми кои ексклузивно ќе бидат достапни кај нас и зајакната набавка на детска и друга странска програма како основа за рапиден раст на претплатниците и приходите. Во потрага за финансиски средства за овој исчекор, повторно следејќи ги светските трендови, се одлучивме за уште еден пионерски чекор – емисија на нови акции, односно докапитализација на берза, нудејќи профитабилни проекти и дополнителна вредност за идните акционери, со стабилна основа за долгогодишен успех. Со ова ќе се зацврсти и лидерската позиција на GLEY во зачувување на македонската култура и јазик во дигиталниот свет“, вели Дарко Перушески, извршен директор на „СВОД МАСТЕР АД“.
Севкупниот развој и инвестиции во технологијата, придонесе бројот на корисници на GLEY во 2024 да се зголеми за над 30% во однос на 2023 година, додека во истиот период растот на приходите од претплата изнесува над 20%. Просечно до сервисот пристапуваат над 20.000 корисници месечно а само лани сервисот го користеле над 70 илјади корисници.
Компанијата очекува приходите да продолжат да растат и во 2025 година, благодарение на новите кориснички пакети, маркетинг понудата до огласувачите и развојот на проекти со партнерските телекомуникациски оператори.
GLEY е достапна на сите паметни уреди поврзани на Интернет – ТВ приемници, мобилни телефони, таблети и компјутери. Од аспект на корисничко искуство сервисот обезбедува современ интерфејс кој е лесен за користење и кој постојано се подобрува. Паралелно, платформата се постави и како чувар на македонскиот јазик со превод на целата програма на мајчин јазик со што придонесува да се зачува јазичното богатство, особено меѓу младите генерации. Компанијата инвестира во превод и сихронизација на целата детска програма на македонски и на албански јазик.
Континуираното инвестирање во платформата овозможи да ги следи светските трендови на воведување реклами во одредени пакети. Во двата претплатнички пакети „Глеј слободно“ (GLEY Free) и „Глеј основен“ (GLEY Basic), Друштвото почна да емитува реклами од огласувачи, кои добија шанса да пристапат до корисниците на нов начин. Притоа, корисниците добија бесплатен пристап до дел од програмата, која е достапна со претплата од само 166 денари месечно. Секако, тука е и пакетот „Глеј Премиум“ (Gley Premium) во кој корисниците може да пристапуваат до целата програма без реклами.
Партнерството со Македонски Телеком и А1 Македонија, како и соработки со други кабловски и телекомуникациски оператори, е дел од редовното деловно работење на GLEY. Со нив континуирано се реализираат проекти кои го прават GLEY технички и финансиски подостапен за нивните корисници.
Македонската стриминг револуција почна во ноември 2021 година, кога Друштвото официјално ја лансираше платформата GLEY. На домашниот пазар се позиционираше како партнер за развој на домашната продукција преку соработка со македонските продукциски куќи, нудејќи го најдоброто од домашната продукција, детската едукативна и забавна програма, регионалните хитови и висококвалитетна европска и холивудска продукција.