Стрип-романот „Чанбара 2“ на македонски јазик

Стрип-издавачот „Бункер“, во рамките на едицијата „Апслоутни почетници“, издаде нов графички роман „Чанбара 2“. Приказната е на италијанските автори Роберто Рекиони (сценарист и долгогодишен главен уредник на популарниот италијански стрип-серијал „Дилан Дог“), Андреа Акарди (цртач на некои од најпознатите италијански стрипови, како „Текс Вилер“), Габриела Конту („Дилан Дог“, „Текс“, „Загор“) и Валтер Вентури („Загор“, „Марти Мистерија“, „Текс“).

„Се работи за втората целина од познатиот стрип-серијал ‘Чанбара’ во којшто се опфатени третата и четвртата приказна. Ова е поново остварување на италијанскиот издавачки гигант ‘Серџо Бонели едиторе’, што повеќе децении на нашите простори е познат по популарните јунаци Дилан Дог, Марти Мистерија, Загор, Текс Вилер, Мистер Но… Терминот ‘Чанбара’ на јапонски сленг означува борба со мечеви и истиот има посебно место во златната ера на филмот во Јапонија меѓу 40-тите и 60-тите години од минатиот век. Стрипот дава минуциозен опис на феудалните прилики во Јапонија во 17. век. Покрај внимателно изградената структура на ликовите, во него детално се прикажани и зафрлените села, куќите, оризовите полиња, ентериерот… Со збор и слика, истовремено брутално, но и одмерено и елегантно, приказните на мајсторски начин раскажуваат за најчесните јапонски воини, во духот на традицијата во којашто мудроста постепено им се открива на оние кои се подготвени да го следат нејзиниот пат“, соопшти издавачот.

Македонскиот превод на делото е печатен во облик на репрезентативно библиофилско издание со тврд повез. Покрај македонското издание, преводи од интегралните изданија на „Чанбара“ досега се објавени и во Франција, Шпанија, Мексико, Бразил, Србија итн.

Издавачката куќа „Бункер“ веќе речиси 15 години ја поседува првата специјализирана книжарница за стрипови кај нас. Преводот од италијански јазик е на Борјана Мојсовска, а лектурата на Милена Стојановска. Дизајнот, типографијата и подготовката за печат се на Ласко Џуровски, од „Тотем д.с.“. Објавувањето на графичкиот роман на македонски јазик го поддржа Министерството за култура и туризам. си/

Можеби ќе ве интересира
Close
Back to top button
Close