Строгите забрани не секогаш штитат, Словенија преплавена со нелегални вејпови и никотински производи
Строгите забрани не секогаш штитат, Словенија преплавена со нелегални вејпови и никотински производи

Примената на строги мерки за забрана на ароматизираните никотински производи во дел од европските земји отвори сериозни прашања за нивната ефикасност. Законот за заштита од пушење, наместо да донесе очекувани здравствени придобивки, во некои случаи доведе до пораст на црниот пазар.
Како што предупредува Стопанската комора, предложениот закон во Македонија, инспириран од словенечкиот модел, може да биде неприменлив. Словенија, која во 2024 година воведе забрана за ароматизирани вејпови и вкусови за уреди за загревање, сега се соочува со сериозни предизвици во контролата на пазарот. Дополнителен аларм претставува примерот од Латвија, каде рестриктивните политики резултираа со уште подлабоки проблеми.
Токму таков е случајот сега, а од Финансиската управа на Република Словенија соопштија дека се соочуваат со повеќе прекршоци на набавка на никотински производи преку интернет.
„Поголемиот дел од прекршоците утврдени досега во областа на увозот од страна на физички лица се поврзани со увозот на електронски цигари (или сродни производи), што е забрането. ФУРС врши континуиран надзор, со службени лица присутни во секое време, како во патничкиот, така и во поштенскиот сообраќај, каде што сите пратки што пристигнуваат од трети земји се предмет на надзор.“, соопштија од Управата.
Покрај преку интернет, Управата спроведува и засилени акции на терен. Една од поголемите заплени на нелегални цигари и ароматизирани вејпови се случила на главниот пазар во Марибор.
„Потрошувачите често не знаат дека производите, покрај тоа што се поевтини, тие содржат непроверени хемикалии и се произведени во неприфатливи хигиенски услови“, изјави Марко Хорват, директор на подрачната единица на ФУРС.
Покрај негативното искуство во Словенија, слични резултати од рестриктивните забрани има и во Латвија, каде од први јануари 2025 година е забранета продажбата на ароматизирани никотински производи. Државата регистрира пораст на црниот пазар и значителен дефицит во државниот буџет.
Според пишувањата на локалниот медиум la.lv, постоеле постојани предупредувања дека ваквите ограничувања се непотребни, бидејќи и онака продажбата на малолетници е забранета, а популарните ароматизирани производи ќе се преместат во нерегулираниот црн пазар.
„Се чини дека овие предупредувања се материјализираа. Податоците за приходите од акцизи за првите три месеци од 2025 година покажуваат дефицит од над 1,5 милиони евра, при што трговците пријавуваат масовен егзодус на клиенти на нелегалниот пазар каде што производите немаат контрола за квалитетот и државен надзор. Обемот на нелегалниот пазар, наводно, достигнува 42,4% од вкупната потрошувачка во првите четири месеци од 2025 година, што е зголемување во однос на 31,4% во 2024 година“, пишува медиумот.
Од регионот, со големи маки со црниот пазар на вејпови се соочува и Бугарија, каде само една откриена голема пратка од вејпови произведени во Русија, без контрола на составот, му нанела штета на буџетот од околу 500 илјади евра.





