Стручниот надзор за случајот со починатото новороденче на ГАК констатирал дека реанимациската постапка е спроведена по протокол

Реанимациската постапка е спроведена по протокол, констатирала Комисијата за стручен надзор во врска со случајот со починатото новороденче на Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство (ГАК).
Комисијата, по разгледување на комплетната медицинска документација, обдукцискиот наод и изјавите на персоналот, утврдила дека се работи за предвремено родено бебе со сериозни здравствени компликации. Како клучни фактори за смртта се наведуваат тешка конатална инфекција, респираторен дистрес и нарушена белодробна функција поради незрелото белодробие и инфламаторен процес во рамки на инфекција, со наод на спонтан, парцијален пнеумоторакс, радиолошки верифициран во првите часови по раѓањето.
Од Министерството појаснуваат дека поради критичната состојба, новороденчето било ставено на механичка вентилација само четири часа по раѓањето и веднаш му била одредена антибиотска терапија.
„Во текот на лекувањето е индицирана промена на антибиотската терапија со оглед на лабораториските наоди во прилог на септична состојба. По појавата на масивен десностран пнеумоторакс, извршена е реинтубација и итно е поставен торакален дрен“,
се додава во соопштението.
На ГАК најпрво беа изршени вонредни инспекциски контроли во врска со починато новороденч, а потоа и стручен надзор.
По извршениот вонреден инспекциски надзор, директорот на Државниот санитарен и здравствени инспекторат (ДСЗИ), Кирил Лазов на 19 декември соопшти дека колабирано белодробно крило, отежнато дишење и прекумерна акумулација на течност во интрацелуларните или екстрацелуларните простори на мозокот и кардиореспираторна инсуфисиенција се причините за смртта на новороденчето на родилката В. И. од Арачиново.
Од Клиниката два дена подоцна информираа дека обдукцијата на новороденчето покажала дека причината за смртта е незрелост на белодробието.






