Стручно предавање за студенти по медицина од Елизабета Ѓоргиевска, сопругата на претседателот Пендаровски

– Сопругата на претседателот на државата Елизабета Ѓоргиевска вчеравечер во Вила Водно одржа стручно предавање за дваесетина студенти по медицина, на кое присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче.

Предавањето на тема: „Симплифицирана 3D-визуелизација: µCT евалуација ин витро и ин виво“ беше организирано во соработка со Здружението на студентите по медицина, како дел од иницијативата почната во февруари годинава со предавањето на  министерот Филипче од областа на неврологијата, реализирано во канцеларијата на Претседателот, МладиХаб.

Како што соопшти Кабинетот на Претседателот, Ѓоргиевска на студентите по медицина им зборуваше за нова техника на визуелизација – микро компјутерска томографија од истражувачки аспект при што истакна дека оваа тема е поразлична од она што секојдневно го слушаат и работат бидејќи освен со стручните истражувачки податоци ќе имаат можност да се запознаат со значењето на меѓународната соработка и со тоа што се прави во светот на оваа тема.

– 3D микроскопија со x-зраци овозможува да се визуелизира внатрешната 3D структура на примероците на недеструктивен начин. Технолошкиот метод кој стои зад ова е микрокомпјутерската томографија, техника на недеструктивно снимање, кое го користи истиот метод како медицинските CT скенови, но на исклучително тенки пресеци со екстремно зголемена резолуција, при што може да се добијат микрофотографии дури на субмикронско ниво, истакна Ѓоргиевска на предавањето. 

Од Здружението на студенти по медицина беше истакнато дека во овој кризен период тие како млади идни лекари треба да имаат активна улога во својата локална заедница, прво за да дадат пример, а потоа преку активности, проекти и соработка меѓу нив да помогнат и да бидат поддршка на здравството во државата во справувањето со КОВИД-19.

– На предавањата може да присуствуваат сите заинтересирани лица бидејќи се од отворен тип и се корисни за сите идни медицински работници овозможувајќи им преку директен контакт и разговор да добијат одговори на прашања кои останале неодговорени, како и можност за покренување нови иницијативи. Целта на иницијативата е студентите и младите лекари да се запознаат со вредни трудови на стручњаци од областа на медицината и надвор од нивните специјализации и просториите на факултетот, се наведува во соопштението.

Back to top button
Close