Струен колапс кај Велес: Луѓе и туристи заробени во мрак поради дефектите на ЕВН
Жителите на селата Отовица, Новачани, Кумарино, Сујаклари, како и целиот потег околу Велешкото езеро (Младост), се соочуваат со вистинска инфраструктурана агонија. На само 8 километри од центарот на Велес, во зона која важи за туристички и рекреативен центар, прекините на електрична енергија станаа секојдневие, а трпението на граѓаните е целосно исцрпено, пишува Независен.

Револтот кулминира бидејќи проблемот не е нов – тој трае повеќе од три години. И покрај уредното плаќање на сметките и редовното пријавување на дефектите, трајно решение нема.
„Прска“ струјата при секој дожд и ветер
Според сведоштвата на мештаните, мрежата е толку нестабилна што при најмал ветер или дожд, снабдувањето веднаш се прекинува.
„Не зборуваме за хаварии од големи размери, туку за секојдневни прекини. Доволно е малку да заврне или да дувне ветер за да останеме во мрак. Екипите на ЕВН доаѓаат, вршат некаква санација, но проблемот суштински не се решава. Ова е малтретирање,“ велат револтираните граѓани.
Загрозени се деца, бебиња и болни лица
Особено загрижувачка е состојбата во зимскиот период. Во овој регион, каде што живеат неколку илјади луѓе, вклучувајќи многу млади семејства со бебиња, мали деца и стари лица, прекинот на струја значи и прекин на греењето.
…






