Струмичани ќе се возат на струја во и вон градот за половина евро
Евтин и еколошки градски превоз треба да биде новиот јавен превоз во Струмица. Превозот на граѓаните низ градот и населените места под Општина Струмица ќе се организира со нови електрични автобуси, а цената на возен билет би требало да биде околу 30 денари. Според јавното претпријатие „Струмица транспорт“ превозот е замислен да го олесни животот и движењето на струмичани, но и да се намали емисијата на штетни гасови.
Јавното општинско претпријатие „Струмица транспорт“веќе ги распишува тендерите и планира целиот подготвителен прцоес да заврши до почетокот на есента, а следната грејна сезона превозот низ градот да се потпира на електричните градски автобуси.
Цената на превозот би била конкурентна во однос на она што сега им е на располагање на струмичани. Такси превозот во Струмица чини околу 80 до 100 денари во градот и поскап до населените места. Патувањето со такси комбињата до населените места е од 50 до 70 денари во зависност од одделеченоста на селото.