Струмичка православна епархија: Измамничка шема на профилот на Библиска Македонија

Со чувство на голема тага и огорченост го пишуваме ова соопштение за јавност со кое сакаме да ги информираме и предупредиме верниците за појавата на измамничка шема преку која лица под профилот Библиска Македонија продаваа „молитви во тегли“ и книги користејќи го името и авторитетот на викарниот Епископ Стобиски г. Јаков.

Имено, до нас стигнаа информации од оштетените граѓани, дел од нив роднини и родителите на загинатите деца во пожарот во Кочани, коишто, скршени од болка и барајќи утеха, подлегнале на лагите кои им ги пишувале луѓето кои се кријат зад профилот Библиска Македонија и порачувале од спорните реквизити.

Целосно ја имаме во предвид ранливоста на оштетените, кои од небрежност, не сакајќи поверувале на оваа измамничка шема, која е сѐ, само не во духот на православното христијанство. Сочувствуваме со болката, разбирајќи ја љубовта и довербата коишто луѓето ја чувствуваат кон Епископот г. Јаков, па недвосмислено стоејќи зад неговиот авторитет станале жртва на оваа грозоморна измама.

Грозоморна, затоа што некои ликови, кои се претставуваа како христијани, се дрзнале преку лаги и измами, не само да прават обид за дискредитација на Преосветениот владика, а со тоа и на МПЦ ОА, туку и да заработуваат користејќи ја болката на оштетените.

Грозоморна затоа што на луѓето кои барале утеха им продавале „ветер и магла“ и со тоа стекнувале бесправна материјална корист. Тука нема ништо човечко, а камо ли христијанско!

Бескруполозноста на овој чин оди дотаму што ладнокрвно, на Вибер каналот на профилот Библиска Македонија, промовирале и продажба на книга која наводоно е со благослов на Владиката, без да прецизираат за кој Владика станува збор, повторно доведувајќи ги во заблуда оштетените.

Ниту Митрополитот Струмички г. Наум, ниту неговиот викарен Епископ г. Јаков дале било кому благослов да се продава каква било книга. Луѓето блиски до Црквата и Струмичката Православна Епархија знаат дека сите епархиски изданија, книги, весници, молитвеници итн, верниците и добронамерниците ги добиваат на подарок од владиците.

Истовремено, Библиска Македонија ја плете оваа арамиска мрежа, перфидно наведувајќи ги луѓето дека со купување на книгите учествуваат во „Кујната што поделува топол оброк секојдневно“, несомнено алудирајќи на најголемата хуманитарна акција „Топол оброк за сите“.

За оваа измама, Струмичката православна епархија веќе го информираше СВР Струмица и очекуваме брзо откривање на измамниците и нивна одговорност согласно законите и елиминирање на оваа измамничка мрежа.

Ги повикуваме и охрабруваме сите измамени лица кои биле жртви на овој криминал спроведен преку социјалните канали на Библиска Македонија, да пријават во најблиската полициска станица, приложувајќи ги сите докази со кои располагаат.

Знаејќи дека овој свет во зло лежи, и секогаш ќе изнедрува луѓе кои што ќе го избираат злото како свој начин на живот и постоење, упатуваме апел до верниците, во иднина да не наседнуваат на вакви криминални стратегии, а за секоја нивна намера да учествуваат во одредени акции кои се шират на социјалните мрежи, а поврзани со Црквата, да ја проверуваат во својата епархија, или кај својот парохиски свештеник.

Потенцираме дека официјалната веб страна на МПЦ ОА- Струмичка епархија http://mpc.org.mk/MPC/SE/vesti.asp како порталот и Фејсбук и Инстаграм страна и веб страната на Тивериопол.мк https://www.tiveriopol.mk/ се вистинските релевантни извори каде што се пласираат информациите за активностите на надлежниот владика и неговиот викарен епископ, како и за различни активности поврзани со работата на Струмичката Православна Епархија. Оттаму секое повикување на нивниот црковен авторитет на други социјални медиуми, страни и промоција на било какви акции или кампањи, верниците и граѓаните да го земаат со резерва и со претпазливост и опасност од потенцијална измама.

Изразуваме длабоко разочарување што луѓето од Бибилиска Македонија го злоупотребија словото на епископот Јаков, односно словото на Црквата, и наместо сите заедно да пребиваме во радоста на Воскреснатиот Христос, за жал во овие денови на Воскресението сведоци сме на оваа нечовечност и бескрупулозност.

„А тие ја дебнат сопствената крв, поставуваат заседа за своите души. Такви се патиштата на сите лакоми за пари, на завладеаните од нив им го одзема животот.“

-Пословици 1, 18-19

Од канцеларијата Струмица на Струмичката православна епархија

Back to top button
Close