„Студен туш“ за хероите на Струмица

Струмичките пожарникари, кои ова лето беа на првата линија на фронтот против огнените стихии, се соочуваат со големо разочарување. Наместо плата од 80.000 денари, реалноста за нив е сурова – примањата се драстично помали, а според реакциите и коментарите на граѓаните, сумата е преполовена.
Револтот и тагата поради изиграната доверба, пожарникарите ги преточија во емотивно јавно обраќање насловено „Вреди ли?“.
„Некој на 80.000 начини си поигра со нашето достоинство“
Во своето официјално соопштение, тие не кријат дека се чувствуваат изиграни. Иако не сакаат да вперант прст во конкретен виновник, нивната порака е јасна: ветувањата биле нереални, а ударот по нивното достоинство е реален.
„Не сакаме да обвиниме никого, НО РЕАЛНО ИЛИ НЕРЕАЛНО некој повторно на 80.000 начини си поигра со нашето достоинство и секако со нашите чувства,“ стои во реакцијата на пожарникарите.
Оваа реченица директно алудира на сумата која им беше дадена како награда за нивниот ризик и пожртвуваност, но која очигледно не стигнала овој месец до нивните сметки во ветениот износ.






