Студентите ја поминаа ноќта на улица: Блокадата на една од главните раскрсници во Белград ќе трае до 10 часот
Студентите ја поминаа ноќта на Автокоманда, една од главните раскрсници во Белград, која до 10 часот утрово ќе остане блокирана, пренесуваат српските медиуми. За утрово најавија акција за чистење, по што се очекува протестот да заврши.
Од вчера од 10 часот почна еднодневната блокада на оваа раскрсница, како дел од протестите кои изминатите месеци се случуваат во Белград, а на кои студентите бараат од српските власти да ги исполнат нивните барања во врска со уривањето на натстрешница во Нови Сад, при што загинаа 15 лица, а две беа тешко повредени.
Полицијата го обебзедува тој дел од патот, од правец на Славија, кружниот тек и Јужниот булевар.
Во текот на ноќта немало инциденти. Насобраните во текот на вечерта подготвувале храна и организирано се дружеле.
„Речиси никој не спиеше. Играа табла, некои фудбал, а други пееја“,пренесуваат српските медиуми.
Возачите кои утринава поминуваат по автопатот, свират во знак за поддршка.
На надвозникот сè уште стојат транспарентите: „Неисполнети барањата“, „Блокада“ и бројот 15, со кој се одбележуваат жртвите од уривањето на настрешницата.
Како што е најавено на Инстаграм профилот „Студентите на блокада“, за утрово е најавена акција за расчистување кај Автокоманда, која ќе трае до 10, кога е планирано да заврши протестот.
Вчера со 15-минутно молчење им оддадоа почит на загинатите на Железничката станица во Нови Сад. Потоа, денот го исполнија со бројни настапи и програми. На студентите им се придружија голем број граѓани и средношколци кои ги поддржуваа во текот на целиот протест.
Вчеравечер насобраните кај Автокоманда ги вклучија светлата на телефоните и ги насочија кон небото, со цел да покажат колкав е нивниот број.
Српскиот претседател Александар Вучиќ во вчерашното обраќање од Палатата „Србија“ во Белград изјави дека ќе побара најитна и најмасовна можна реконструкција на владата на Србија и оти очекува да бидат сменети повеќе од половина од досегашните министри.
Додаде дека е подготвен и да потпише одлука за помилување од кривично гонење на уапсените студенти и други приведени за време на протестите.