Студентите бараат разрешувања по посетата на Вучиќ на повредените од Кочани

Студенти од Медицинскиот факултет во Белград побараа итно преземање на мерки против одговорните лица во Ургентниот центар на Универзитетскиот клинички центар на Србија (УКЦС), откако на 17 март 2025 година, претседателот на Србија Александар Вучиќ, тогашниот министер за здравство Златибор Лончар и новинарски екипи, без никаква заштитна опрема, влегоа во одделението за интензивна нега каде беа сместени тешко повредени пациенти – меѓу кои и малолетници од Кочани, Северна Македонија.

Студентите, кои се во блокада на факултетот, во своето обраќање до јавноста наведуваат серија сериозни прекршувања на медицинските и етичките правила, барајќи разрешување на директорката на УКЦС проф. д-р Јелена Друловиќ, директорот на Ургентниот центар доц. д-р Марко Ерцеговац и раководителот на интензивната нега доц. д-р Душан Мициќ.

Повреда на достоинството и безбедноста на пациентите
Според студентите, присуството на јавни личности и медиуми во просторија со високо ранливи пациенти – без соодветна опрема – претставува директна закана за нивното здравје и живот. Овие пациенти, кои се лекуваат поради тешки изгореници, се со ослабен имунолошки систем и се исклучително подложни на инфекции.

Наводните прекршувања вклучуваат:

Непочитување на санитарните мерки;
Носење неадекватна облека и опрема;
Давање изјави пред камери без маски;
Физички контакт со пациенти без ракавици;
Објавување на видео и фото материјали со лица на пациентите, вклучително и малолетници.
Дополнително, студентите остро реагираа на изјавата на претседателот Вучиќ, кој јавно сподели чувствителни информации за здравствената состојба на пациентите. Тој, меѓу другото, изјави дека едно лице е во животна опасност, а други „иако не треба да се каже, не се во животна опасност“, притоа споменувајќи и точен процент на изгореници кај некои пациенти.

Повреда на законите и етичките кодекси
Според српските закони и меѓународните конвенции кои Србија ги има ратификувано, пациентите имаат право на приватност и достоинство. Законот за правата на пациентите предвидува строга заштита на медицинските податоци, а нивното неовластено откривање се смета за сериозен прекршок.

Студентите наведуваат дека одговорните здравствени работници не само што дозволиле, туку и не го спречиле влегувањето на неовластени лица, што претставува грубо кршење на стручните протоколи, особено при лекување на имуноослабени пациенти.

Што бараат студентите?

Разрешување на одговорните лица од УКЦС и Ургентниот центар;
Покренување прекршочни постапки за повреда на закони за заштита на лични податоци;
Вонредна надворешна контрола на стручната работа на Ургентниот центар;
Инспекциски надзор врз почитување на законите за заштита на пациентите;
Реакција од Лекарската комора на Србија и Етичкиот одбор на УКЦС;
Информации за протоколите во интензивна нега;
Ангажирање на Заштитникот на граѓаните за да се испита дали биле прекршени права од областа на здравствената заштита.

Back to top button
Close