Студентите од „Браќа Миладиновци“ живеат во лоши услови и јадат конзерви секој викенд

Студентите од домот „Браќа Миладиновци“ во Штип викендов повторно алармираат за несоодветни услови за живеење, укажувајќи дека ситуацијата станува неподнослива и дека итно се потребни подобрувања.
Според објавата на „Студентарија“, цел викенд им била сервирана само конзервирана храна, без разновидност и без топол оброк, што дополнително ја влошило состојбата со веќе постојано критикуваната исхрана. Освен тоа, студентите велат дека санитарните услови во домот се во лоша состојба, на 130 студенти има само две туш кабини.
„Еден од најсериозните предизвици за станарите во домот е исхраната. За време на викенд, кујната во домот не работи, па студентите добиваат пакет во кој има 2 паштети, 2 конзерви месен нарезок, 1 кроасан и мало чоколатце. Овој пакет е превидено да им биде единствена храна во текот на цел викенд – сабота и недела.“ стои во објавата на „Студентарија“.
Во текот на работната недела, според нивните тврдења, оброците се еднолични и често без салата, што, како што велат, е недозволиво за оброк што треба да ги задоволи нивните основни потреби.
„Нема ни овошје, десерт ретко, како ни салата која треба да следува со секој ручек“ велат студенти за „Студентарија“.
Студентите бараат обезбедување на минимални стандарди: подобра исхрана, редовно одржување на санитарните простории и функционални заеднички простории за учење. Тие апелираат до надлежните институции да реагираат што е можно побрзо и да им овозможат достоинствени услови за живот и студирање.
.
С.Т
Фото: Студентарија









