Студентите од самохрани семејства ќе плаќаат половина од уписнината на првиот циклус на студии на УКИМ

Студентите од самохрани семејства ќе плаќаат половина од уписнината на првиот циклус на студии. Ректорската управа на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ донесе одлука студентите, чие родителско право го врши само еден родител, а се запишани на еден од факултетите во склоп Универзитетот, да платат само 50 отсто од износот на уписнината за прв циклус на студии во зимскиот семестар, пренесува Мета.мк.

Поволноста се однесува за студентите кои потекнуваат од семејства каде родителското право го врши еден родител, односно имаат само еден родител запишан во изводот од Матичната книга на родените, еден родител е починат или го загубил родителското право. Според одлуката на УКИМ, по завршувањето на уписите во зимскиот семестар, Универизитетот ќе отвори интерен оглас на кој ќе можат да се јават сите заинтересирани студенти, а селекцијата ќе ја направи комисија врз основа на Правилникот за запишување во квоти на студенти чие родителско право го врши само еден родител.

Во новата одлука стои дека најголем процент во бодувањето ќе добие финансиската состојба на кандидатот, 60 отсто и неговиот успех, 40 отсто од поените.

Од младинската организација One Can Youth апелираат и до претставниците на Универзитетите Св.„Климент Охридски“ од Битола и „Гоце Делчев“ од Штип да го следат позитивниот пример на УКИМ и да покажат дека се силна поддршка на нивните студенти.

„Благодарни сме на Студентски правобранители и Универзитетско студентско собрание на УКИМ што стапија во соработка и делување заедно со One Can Youth, како застапници за правата на млади од самохрани и еднородителски семејства“, пишуваат од организацијата.

 

 

Back to top button
Close