Студентите од УКИМ бараат итни подобрувања во домовите: лифтови, топла вода и подобри услови

Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се обрати со јасни барања до надлежните институции за подобрување на основните услови за живот во државните студентски домови.

Двете официјални иницијативи на собранието се однесуваат на барања за безбедни и функционални услови во домовите, со акцент на решавање на долготрајни инфраструктурни проблеми.

Првото барање е доставено до Државниот студентски дом – Скопје и се однесува на итна проверка и санација на нефункционалните лифтови во објектите на домот.

Студентите укажуваат дека почетокот на новата академска година ќе донесе зголемен број станари, поради што е неопходно лифтовите да бидат во исправна состојба за полесно секојдневно движење и безбедност на сите, особено на лицата со намалена подвижност.

Второто барање е насочено кон домот „Пелагонија“ и Министерството за образование и наука, каде што се бара итно сервисирање на бојлерите и системот за топла вода, бидејќи во изминатите зими студентите се соочуваа со сериозни проблеми со греењето.

Дополнително, повторно се посочува проблемот со нефункционалните лифтови, што претставува тешкотија, особено за студентите со здравствени или физички ограничувања.

„Овие интервенции се основа за достоинствен студентски живот. Ќе продолжиме гласно да ги претставуваме вистинските потреби на студентите,“ истакна Александар Николовски, претседател на студентското собрание на УКИМ

Back to top button
Close