Студентите оставени без сместување и без поддршка

Оваа академска година, студентите во Скопје ќе се соочат со сериозен недостиг на простор за сместување, откако два од трите студентски домови под капата на државата – „Кузман Јосифовски – Питу“ и „Стив Наумов“, и понатаму остануваат затворени.

Според информациите, за новата академска година ќе бидат достапни вкупно 2.544 легла, што е значително помалку од потребното и претставува директен удар по правото на достапно високо образование.

Домот „Кузман“ е затворен повеќе од две години, а реконструкцијата започна дури во април оваа година, со најава дека ќе заврши до октомври. „Стив Наумов“, пак, останува во фаза на чекање за обнова. Ова ги остава студентите во неизвесност, особено оние кои потекнуваат од градови надвор од Скопје и немаат финансиски можности за алтернативно сместување.

„Наместо достоинствен студентски живот, студентите добиваат борба за легло, непредвидливи енормно високи трошоци за живот и во страв од тоа дали ќе може воопшто да студираат“, реагираат од Црвена Младина, организација која веќе подолго време ги следи состojбите со студентите.

Поради недостигот на легла во студентските домови, голем број студенти се принудени да бараат приватно сместување, но и тоа станува сè потешко изводливо. Кириите за станови во Скопје драстично пораснаа во последните години, а особено во општините кои се најблиску до универзитетските кампуси. Цените често надминуваат 250 евра за еднособен стан, што за мнозинството студенти и нивните семејства претставува огромен финансиски товар. За многумина, ова значи избор помеѓу кирија и основни трошоци за живот или дури и прекин на студиите.

По многуте реакции, со соопштение излезе Министерството за образование и наука, во кое ја критикуваше политичката партија СДСМ за, како што наведуваат, „лажна загриженост“ околу реконструкциите на домовите. Од МОН информираат дека процесот на реконструкција започнал минатата година и дека е интензивиран со новото раководство. Според најавите, домовите „Кузман“ и „Стив Наумов“ ќе бидат комплетно обновени до декември 2025 година, и достапни за сместување на студенти во вториот семестар од академската 2025/2026 година.

Дополнително, се посочува дека буџетот за реконструкциите е зголемен за 5,5 милиони евра, како и дека е обезбеден неповратен грант од ЕУ, со кој министерката Весна Јаневска веќе потпишала договор.

Од Министерството ги повикуваат младите да бидат „спокојни“, додавајќи дека „лажните вести и политички конструкции не треба да ги демотивираат“, и дека се прифатени повеќе предлози од студентските организации во изминатата година. Меѓу нив се продолжувањето на бесплатниот превоз, проширување на правото за субвенциониран студентски оброк, како и олеснување на критериумите за стипендии.

„Младите да бидат спокојни. Лажните вести и политички конструкции не треба да ги демотивираат да продолжат да вложуваат во своето знаење, а Министерството за образование и наука ќе продолжи да ги поддржува и да го подобрува студентскиот стандард.“ стои во реакцијата на МОН.

Состојбата со студентските домови и високите трошоци за живот ја отсликува подлабоката криза во третманот на младите во државата. Наместо да се создаваат услови што ќе ги задржат студентите тука, системски се произведуваат бариери кои ги туркаат кон иселување. Недостапното сместување, нетранспарентниот прием, растечките кирии, скапата храна и превоз – сето тоа создава амбиент во кој студирањето во Скопје станува привилегија, наместо право.

Институциите мора итно да се вклучат со конкретни мерки, не само декларативни заложби. Обновата на домовите не смее да биде политичка пропаганда туку реален приоритет, а студентите не смее да бидат жртви на нечии бизнис – интереси или партиски стратегии. Ако државата продолжи да ги игнорира овие проблеми, ќе ги изгуби токму оние кои треба да ја водат напред – младите, образовани, енергија полни граѓани кои денес, наместо да се подготвуваат за иднината, се борат да преживеат во сегашноста

Back to top button
Close