„Студентски отпор“ бара пратениците со амандмани да издејствуваат повеќе пари за студентите во Буџетот за 2023 година

„Студентскиот отпор“ денеска преку соопштение упати апел до сите пратенички групи во Собранието денеска како последен ден за поднесување на амандмани на Буџетот за 2023 година да излезат во пресрет на студентите и да се зголемат парите предвидени за нив ов Министерството за образование и наука.

„Имено, во предлог-буџетот за 2023 година забележуваме значително намалување и тоа во ставката наменета за ученички стандард за 19,72 отсто, ставката за студентски стандард е намалена за 17,96 отсто, ставката наменета за наука намалена за 30,87 отсто и ставката наменета за инвестиции во образованието е намалена за 17,24 отсто. Особено сме загрижени од намалувањето на предвидените средства во однос на 2022 година за изградба и реконструкција на студентски домови за 31 отсто и енергетски ефикасна рехабилитација на студентските домови за дури 46 отсто“,се наведува во соопштението.

Од „Студентски отпор“ бараат пратеничките групи да поднесат амандмани со кои се предвидува зголемување на овие ставки и да се престане со штедење и намалување на средства кои се директно на штета на младите луѓе.

Со зголемување на средствата бараме зголемување на субвенцијата за студентски оброк од 120 на 160 денари и задржување на постојните критериуми, но исто така бараме во студентските домови да има повисок квалитет на храна и лифтовите да работат во текот на целиот ден. Во делот на инвестициите во образованието бараме да се предвидат средства за реконструкција на сите студентски домови“,велат од „Студентски отпор“.

Само во овие три програми – студентски стандард, ученички стандард и инвестиции во образованието, додаваат, Владата за 2023 година предвидува речиси 500 милиони денари помалку отколку во Буџетот за 2022 година.

„Уште еднаш ги замолуваме пратениците да поднесат амандмани за зголемување на овие ставки за доброто на младите кои се иднината на секоја држава“,порачуваат од Студентски отпор.

Back to top button
Close