Студија на ЕК: Демократијата во Европската Унија ги изневери жените

Жените во Европската Унија значително почесто се цел на онлајн закани и напади отколку мажите, има помала веројатност тие да бидат избрани на одговорни функции и се повеќе се склони да апстинираат од гласање на избори, се наведува во студијата на Европската комисија посветена на изборите за членови на Европарламентот што се одржаа во јуни минатата година.

– Изборите се во сржта на демократијата, а изборите за Европскиот парламент се меѓу најголемите демократски случувања во светот. Тие треба да ги следат највисоките демократски стандарди, се вели во студијата, објавена вчера.

Во неа се посочува дека излезноста на жените на ланските Европски избори била за еден процентен поен пониска во споредба со гласањето во 2019 година, иако вкупниот одѕив на гласачите останал речиси непроменет од нешто под 51 отсто.

– Иако застапеноста на жените во Парламентот е повеќе од двојно зголемена во однос на првите директни избори во 1979 година, сепак уделот на избрани жени лани беше помал во однос на претходните избори, се вели во документот.

ЕК посочува дека ланските се први директни избори за членови на Европскиот парламент на кои уделот на жените во вкупниот број пратеници е намален во однос на претходниот парламентарен состав.

Според статистичките податоци, жените сега сочинуваат 38,5 проценти од сите европратеници, додека во претходниот состав таа стапка изнесуваше 39,8 отсто. Процентуално најголем број пратенички се избрани во Шведска, односно 62 отсто од вкупниот број шведски европратеници се жени, додека на Кипар не е избрана ниту една жена за членка на Европарламентот.

Во студијата се наведува и дека кампањата била „понепријателска“ во однос на жените кандидатки, отколку кон мажите. Во некои земји членки на кандидатките не им бил овозможен еднаков медиумски простор за претставување како на мажите, а генерално жените биле „посебно изложени на ризик“ од насилство, вознемирување и заплашување за време на изборната кампања.

Коалицијата на Зелената левица (ГЛ) и Лабуристичката партија (ПВДА) освои најголем број гласови и осум од 31-то холандско место во Европскиот парламент на денешните Европски избори во Холанди

– Во периодот пред изборите беше забележан пораст на онлајн полово базирани дезинформации поврзани со жените лидерки и кандидатки. Ваквите предизвици можат целосно да ги исфрлат жените од политичката сфера, влијаејќи врз демократијата и учеството на жените на политичката сцена, се вели во документот.

Студијата оценува дека треба да се направи повеќе за да се постигне полова еднаквост во политиката, како на европско, така и национално ниво и да се обезбеди подобра заштита на жените од онлајн закани.

Во документот се посочува дека и покрај тоа што во некои земји членки на ЕУ старосната граница за стекнување на гласачко право беше намалена на 16 години, сепак анализите укажуваат на значителен пад на излезноста меѓу помладите гласачи во Унијата.

Затоа во него се повикуваат земјите членки на ЕУ да сторат повеќе за да го промовираат учеството на жените и младите луѓе во демократските процеси.

Во студијата се укажува и на зголемување на обидите за мешање во изборниот процес од страна на актери поврзани со Русија, насочени кон поткопување на предизборната кампања.

Во неа се посочува дека биле евидентирани неколку „големи операции поврзани со Кремљ“ насочени кон манипулирање или мешање во изборите.

– Генерално, претставниците на ЕУ открија 42 инциденти поврзани со руско мешање, манипулации и обиди за влијание. Тие ескалираа во неделите пред гласањето, достигнувајќи врв помеѓу 6 и 9 јуни, а продолжувајќи и потоа, се наведува во документот.

Ланските изборите за членови на Европскиот парламент се одржаа во периодот од 3 до 9 јуни, при што во најголемиот број земји членки, 21 од 27, гласањето беше спроведено на 9 јуни.

Сепак, во студијата се оценува дека земјите членки и институциите на ЕУ презеле мерки за поголема инклузивност во изборниот процес на младите луѓе и жените и за олеснет пристап до гласачките места за лицата со попреченост, како и за справување со заканите по изборите, како што се странско мешање, дезинформации, кибер нападите и други прашања што влијаат врз интегритетот на гласањето.

– Сето ова помогна да се обезбеди изборите да се одвиваат непречено и без поголеми инциденти или прекини, се заклучува во студијата.

По повод објавувањето на документот, извршната потпретседателка за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен оцени дека институциите на ЕУ презеле клучни чекори за да обезбедат изборниот процес да биде отпорен и фер, затоа што Изборите за Европскиот парламент се камен темелник на демократијата на Унијата.

– Изборите во 2024 година покажаа исклучително ниво на соработка во ЕУ, зајакнувајќи ја нашата посветеност на заштитата на демократскиот интегритет, додаде Виркунен.

Според еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт, ланските избори покажале ниво на соработка без преседан меѓу земјите членки, институциите на ЕУ и засегнатите страни и таа тимска работа овозможила подобрена подготвеност за справување со какви било нарушувања на изборниот процес.

– Во услови кога заканите по изборите брзо се зголемуваат, нашите системи за контрола и рамнотежа треба да бидат посилни од кога било, за да можеме ефикасно да ги заштитиме нашите демократии, заклучи Мекграт.

Според него, сепак, од витално значење за наредниот период ќе биде поттикнување на поголема излезност на гласачите и на поинклузивно учество, особено кај младите гласачи.

Back to top button
Close