Студија од Кембриџ покажува дека носењето маски може да го спречи вториот бран на Ковид-19

Британска студија покажа дека носењето заштитни маски кај поширокото население би можело да го намали ширењето на Ковид-19 до нивоа што можат да се контролираат, како дел од национална борба против епидемијата и, во комбинација со карантин, би можеле да спречат нов бран на пандемијата.

Научниците од британските универзитети Кембриџ и Гринвич во студијата покажаа дека само карантин не е доволно да се спречи повторно ширење на новиот коронавирус САРС-КоВ-2, но дека дури и маските изработени дома можат значително да ја намалат стапката на пренесување на болеста, ако доволен број луѓе носат маски на јавен простор.

– Нашите анализи го поддржуваат тековното и општо носење маски, изјави Ричард Стут, еден од главните научници на студијата на Кембриџ.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека распространето носење маски,  физичката дистанца и некои мерки за карантин можат да бидат „прифатлив начин за справување со пандемија и повторно отворање на економските активности“ , пред да се најде успешна вакцина против Ковид-19.

Светската здравствена организација објави инструкции со кои ги советува владите да им препорачуваат на граѓаните да носат маски на јавен простор, за да се намали ширењето на болеста.

Студијата покажа дека постојаното носење маски на јавни места двојно поуспешно ја намалува вредноста Р, отколку ако маската се носи по појава на симптомите.

Во сите сценарија  проучени во студијата, редовното носење маски кај 50 отсто или повеќе од популацијата, го намалува ширењето на новиот коронавирус на Р помал од еден,  што ја исправува кривата на ширење на вирусот и овозможува поблаги карантински мерки.

Back to top button
Close