Студија: Стевијата ги убива клетките од ракот на панкреас, а притоа не штети на здравите
Растителната замена за шеќер, стевија, би можела да се користи за лекување на еден од најтешките видови рак, без несакани ефекти, покажа ново истражување објавено во списанието International Journal of Molecular Sciences, иако тестирањата засега се спроведени само на лабораториски примероци.
Стевијата е позната како природен засладувач без калории, но истражувачите од Универзитетот во Хирошима откриле дека таа крие далеку поважни потенцијали. Стевија ферментирана со бактерии од листови на банана покажала извонредно антиканцерогено дејство на клетките на ракот на панкреасот – еден од најагресивните и смртоносни тумори денес.
Ова откритие отвора можности за развој на таканаречени пробиотички терапии за рак. На прв поглед, терминот пробиотичка терапија може да звучи како дел од непотврдена алтернативна медицина, но станува збор за научно поткрепен пристап што користи живи микроорганизми, најчесто лактобацили и бифидобактерии, за влијание врз биолошките процеси во организмот – од регулирање на имунолошкиот одговор до намалување на воспаленија и, сè почесто, таргетирано дејство на туморските клетки. Во случајот на најновата јапонска студија, бактериите од банана биле користени за да се добие нов соединение од стевија со антиканцерогени својства. Тука пробиотичките култури не делуваат самостојно како лек, туку служат како биолошка алатка за создавање на посилни молекули што организмот инаку не би ги произведувал. Таквиот пристап – познат како микробна биотрансформација – отвора врата за развој на сосема нови терапии.
Со петгодишна стапка на преживување помала од 10 отсто, ракот на панкреасот е меѓу најсмртоносните видови карцином. Тешко се открива во рани фази, брзо се шири и често не реагира на конвенционалните методи на лекување, како хемотерапија, радиотерапија или хирургија. Затоа научниците низ светот бараат нови терапевтски опции.
Истражувачкиот тим предводен од проф. Масанори Сугијама и вонреден проф. Нарандалај Даншитсудол покажа дека ферментацијата на екстрактот од стевија со сојот Lactobacillus plantarum SN13T драстично го менува неговиот хемиски состав. Се создава нов соединение – метилен естер на хлорогенската киселина (CAME) – кое покажува силно цитотоксично дејство на клетките на ракот на панкреасот (линија PANC-1), но не штети на здравите клетки на бубрезите (HEK-293). Бубрезите се особено чувствителни на токсичноста на лековите, особено хемотерапевтските. Многу цитотоксични терапии (на пример, цисплатин) предизвикуваат нефротоксични несакани ефекти, што значи дека можат сериозно да го оштетат бубрежното ткиво. Затоа во преклиничките студии често се тестира штетноста на клетките на бубрезите. Покрај тоа, клетките на бубрезите HEK-293 се стандардна линија на човечки ембрионални бубрежни клетки и широко се користат како модел за нормални, нетуморски клетки. Нивната отпорност во тестирањето значи дека потенцијалната терапија би можела да го таргетира туморот без сериозни несакани ефекти врз здравите ткива.CAME, создаден со микробиолошка трансформација, е значително поефикасен од неферментираната стевија и дури и од самата хлорогенска киселина од која потекнува.
Клучна улога во овој процес имаат ензимите што ги произведуваат специфичните бактерии од банана. Во контролирани лабораториски услови, научниците ги споредиле ефектите на ферментираниот и неферментираниот екстракт од стевија. Се покажало дека ферментираниот екстракт (FSLE) значително подобро ги уништува клетките на ракот на панкреасот и истовремено не предизвикува оштетување на здравите клетки, дури и при високи концентрации. Освен што предизвикува апоптоза – природен механизам на клеточна смрт – CAME, исто така, има потенцијал за селективно таргетирање на туморските клетки, што е исклучително важно за развојот на безбедни антиканцерогени терапии.
Постојат неколку објаснувања зошто некои антиканцерогени соединенија делуваат селективно на туморските, но не и на здравите клетки. Главното објаснување лежи во разликите меѓу метаболизмот на туморските и здравите клетки. Имено, туморските клетки имаат забрзан метаболизам и поголема потреба од енергија, што ги прави посензитивни на соединенија што предизвикуваат стрес во митохондриите и ја нарушуваат рамнотежата меѓу оксидансите и антиоксидансите, пренесува Индекс.
CAME, новото соединение од стевија, веројатно предизвикува оксидативен стрес или нарушување на сигналните патишта што се специфично активирани во туморските клетки. Покрај тоа, мембранските рецептори и ензимите што го препознаваат или метаболизираат соединението можат да бидат повеќе изразени во туморските клетки, па тие можат да апсорбираат повеќе од активната супстанца одошто здравите клетки. Со тоа ефектот се насочува селективно кон туморот. Конечно, апоптозата, програмирана клеточна смрт, во здравите клетки е построго регулирана, додека туморските клетки често се поблиску до прагот на активирање на овој механизам и полесно влегуваат во апоптоза кога ќе наидат на стресен стимул, како CAME.
Во самата студија се наведува дека највисоката концентрација на FSLE (ферментиран екстракт од стевија) предизвикала минимална токсичност кон здравите HEK-293 клетки, што потврдува селективна цитотоксичност – клучен услов за развој на безбедни и таргетирани лекови против рак.
Следниот чекор во истражувањето треба да бидат тестирања на животински модели што ќе помогнат во утврдувањето на ефикасноста, безбедноста и оптималните дози на CAME во вистински биолошки системи. Според проф. Нарандалај Даншиитсудол, ова истражување не само што го продлабочува разбирањето на микробната биотрансформација на растителните екстракти, туку и поставува основи за употреба на пробиотици како природни антитуморски агенси.
Хрватскиот гастроентеролог д-р Бошко Радиќ вели дека употребата на ферментација за создавање нови или посилни биоактивни соединенија не е нов пристап и дека станува сè почеста во индустријата на додатоци во исхраната и козметиката. – Целта е да се избегне исцрпувањето на природните ресурси, да се осигура ‘зелено’ производство и да се овозможи индустриска изводливост. Затоа е исклучително интересно што авторите го примениле овој принцип на клетки на рак на панкреасот – еден од терапевтски најотпорните карциноми – и добиле многу селективен, антиканцероген ефект на соединение создадено со микробна ферментација. Се разбира, патот од ваков in vitro модел до готов лек е долг, неизвесен и скап, но ова е елегантен пример како со насочена ферментација можат да се генерираат функционални молекули со потенцијал за прецизна идна терапевтска примена во медицината, објаснува Радиќ.