Студија за профилот на пациентите хоспитализирани поради Ковид-19 при првиот бран во Франција

 

Одделот за истражување, студии, евалуација и статистика на Министерството за здравство на Франција објави студија за профилот на пациентите со Ковид 19 хоспитализирани за време на првиот бран, во која се анализирани случаите на 90.000 лица хоспитализирани помеѓу 1 март и 15 јуни, јави дописникот на МИА од Париз.

Според студијата, старите лица се најбројни меѓу пациентите хоспитализирани за време на првиот бран. Дури 43 отсто од хоспитализациите се однесуваат на лица над 75 години и речиси седум од десет смртни случаи. Средната возраст на оние кои починале во болница е 81 година. Но, оваа студија подвлекува дека тие играле мала улога во преполнетоста на одделенијата за интензивна нега. Тие претставуваат само 20 отсто од примените наспроти 49 отсто за лицата на возраст од 50-70 години.

Мажите, пак, се презастапени. За време на овој прв бран, седум од десет пациенти на интензивна нега биле мажи. Тие се исто така и првите жртви бидејќи претставуваат 60 отсто од лицата кои починале од коронавирус во болница.

Оваа студија исто така открива дека осум од десет болнички пациенти не поминале низ интензивна нега и дека 73 отсто од смртните случаи се случиле надвор од болниците.

По 90 дена по хоспитализацијата, стапката на смртност кај луѓето примени во болница помеѓу 1 март и 15 јуни 2020 година е 19 отсто. Повторно е повисока кај мажите (21 отсто) отколку кај жените (17 отсто). Смртноста нагло се зголемува со возраста: од 2 отсто за лица хоспитализирани на возраст под 40 години, достигнува 33 отсто кај оние над 80 години. Меѓу пациентите пренесени на интензивна нега, стапката на смртност во траење од 90 дена е 27 отсто, но возраста останува посилна детерминанта на смртноста отколку транзицијата кон интензивна нега.

Студијата исто така покажува дека во текот на истите 90 дена по хоспитализацијата, смртноста значително се намалува со текот на времето: преполовување помеѓу приемите во почетокот на март и оние во средината на јуни, без оглед на еволуција на возраста и полот на хоспитализираните луѓе. Ова може да се објасни, се вели во студијата, со подоброто познавање на болеста, помал епидемиски притисок или пак уште подобра грижа во болницата.

Back to top button
Close