Студиото Дарк-1 го објавија првиот трејлер за видео играта „Скопје“

 Македонското студио Дарк-1 информира дека го објавило првиот визуелен материјал за нивната видео игра „Скопје“, којашто неодамна го доби своето место на најголемата платформа за видео игри „Стим“.

Трејлерот доловува дел од приказната на градот, којшто е затекнат од апокалиптичен настан во кулминацијата на неговата бруталистичка архитектура. Играта ветува roguelite елементи и делумно отворен свет поставен на основата на главниот град во којшто патуваат мутирани суштества. Иако играта обезбеди место на онлајн продажната платформа, датумот на нејзиното издавање ќе биде најавен наскоро.

Гласот во видеото го позајми Драгана Лошкова.

Тимот планира да влезе во Early Access програмата на „Стим“, што значи дека првото издание на играта ќе биде со ограничена содржина и играчите. Тимот зад играта има намера да ги вклучи играчите во процесот на развој на играта преку дискусија на нивната заедница на Discord.

Во меѓувреме, развивачите на играта нудат можност играчите да се запознаат со играта и приказната преку  кратка point-and-click авантура, достапна на следиов линк: https://skopjegame.com/movetheneedle/. Доколку сакате да навлезете подлабоко во содржината на играта, можете да ги најдете сите загатки на коишто има работено тимот во следниот линк: https://skopjegame.com/archive/, наведува студиото.

Тимот на Дарк-1 е мала група пријатели со заедничка страст да развиваат игри. Нивното искуство произлегува од долгогодишната работа во гејминг индустријата и присуството на многубројни натпревари и хакатони. Над две години, тимот е целосно фокусиран на независен развој на видео игри. Нивната прва издадена игра е играта со наслов Odium to the Core.

Проектот „Скопје“ е кофинансиран од ФИТР.

 

Back to top button
Close